Skip to content

Европа бара медицински сестри и наставници: здравствени работници недостигаат во 23 од 27 земји – од каде ќе ги земе?

1 мин. читање
Сподели
Европа бара медицински сестри и наставници: здравствени работници недостигаат во 23 од 27 земји – од каде ќе ги земе?

Европа има работни места, но сè потешко наоѓа луѓе за нив. Најновата анализа на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), „Мапирање на недостигот од вештини“, покажува каде боли најмногу: од 27 европски земји опфатени во споредбата, здравствените работници се во релативен недостиг во 23. Наставниците тешко се наоѓаат во 21 земја, а стручњаците за информатички и комуникациски технологии во 18.

На другиот крај од листата се работниците за физички и помошни работи, продавачите и помошниците во подготовката на храна – нив работодавачите во повеќето земји ги наоѓаат полесно. Сликата не е иста секаде: Шпанија, на пример, има голем недостиг токму од помошници во кујна. Индексот не брои колку работни места се празни, туку покажува кои професии во една земја најтешко се пополнуваат во споредба со другите.

Во Германија 83 проценти од работодавачите не наоѓаат кадар

Истражувањето на „Менпауер груп“ дава уште поостра слика. Од повеќе од 39.000 работодавачи во 41 земја, 72 проценти во 2026 година пријавиле тешкотии да најдат луѓе со соодветни вештини, малку помалку од 74 проценти лани. Во Германија проблемот го имаат 83 проценти од работодавачите, во Франција 74, а во Велика Британија 73 проценти. Вештините поврзани со вештачката интелигенција за првпат станале најтешки за пронаоѓање.

Европската комисија во јули идентификуваше 22 професии поврзани со зелената транзиција во кои има недостиг во најмалку пет земји членки – водоинсталатери, монтери на цевководи, сервисери на клима-уреди, покривачи, градежни инженери, изолатери.

Зад бројките стојат причини што ОЕЦД ги наведува отворено: плати, услови за работа, стареење на населението и способноста на државите да ги задржат луѓето што веќе ги имаат. Во здравството, предупредуваат европските професионални организации, дел од дефицитот се создава откако човекот веќе ја стекнал дипломата – преку исцрпеност, преоптовареност и лоши услови.

Балканот оваа листа ја чита од другата страна. Кога Германија не може да најде медицинска сестра, наставник или водоинсталатер, каде ќе ги побара? И уште поважно за нас: од кои болници, училишта и градилишта би заминале тие што ќе одговорат на повикот?