Skip to content

1,5 милијарда евра за градежни тендери за пет години и 2.500 измени на договорите: се добиваат под едни услови, а се работат под други

1 мин. читање
Сподели
1,5 милијарда евра за градежни тендери за пет години и 2.500 измени на договорите: се добиваат под едни услови, а се работат под други

За пет години, од 2021 до 2025, јавните институции склучиле 9.335 договори за градежни работи вредни 1,5 милијарда евра. На тие договори се направени 2.500 измени. Тоа е бројката што го кажува насловот на новото истражување на Центарот за граѓански комуникации: тендерите „се доделуваат под едни услови, а се реализираат под други“.

Шемата е позната и не бара многу објаснување. Тендерот се добива со една цена и еден рок. Потоа, во текот на работата, роковите се продолжуваат, вредноста расте, а обемот и условите се менуваат. Според истражувањето, таквата практика ја поништува смислата на тендерот и го зголемува ризикот од договарање, корупција и злоупотреби.

Повеќе пари, помалку конкуренција

Вредноста на договорите расте од година на година, но понудувачите се сѐ помалку. Во 2021 година на тендер имало просечно пет понуди, во 2025 само три. Вредноста на договорите доделени без конкуренција, со само еден понудувач, пораснала три и пол пати: од 38 милиони евра во 2021 на 141 милион евра во 2025 година.

Десет градежни фирми за пет години добиле тендери вредни околу половина милијарда евра, речиси третина од сите пари за градежни работи. Меѓу нив се „Стентон Градба“ од Битола, „Жикол“ од Струмица, „Илинден“ од Струга, „Гранит“, „Бауер БГ“, „Ју-Бај 2“, „Битем“, „Ленди Груп“ и „Зобек Мининг“ од Скопје и „НБ-Компани“ од Тетово. ЦГК таквата концентрација ја нарекува црвено знаменце што бара дополнителна проверка.

Како се стеснува кругот? Со услови. Повеќекратни и специфични референци, однапред прецизно дефиниран кадар, точно наведена опрема, сопствени лаборатории, сопствени асфалтни и бетонски бази. Тендер на кој формално може да се јави секој, а практично ги исполнува само неколкумина.

Кој ги надгледува надзорниците

Најнезгодниот дел е надзорот. Само 10 компании опфаќаат 91 отсто од вредноста на договорите за надзор над градежните работи, а само две од нив – над 61 отсто. Тоа се фирмите што треба да потврдат дека изведувачот ја завршил работата како што треба. Надзорот, според истражувањето, сѐ почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен. Банкарските гаранции и договорните казни ретко се користат, а недостатоците кај изведените работи често се појавуваат набрзо по завршувањето.

За значителен дел од проектите не може со сигурност да се утврди ни нивниот статус, бидејќи бројот на склучени договори и бројот на известувања за нивната реализација во електронскиот систем многу се разликуваат. И уште еден детал: во изборните години, особено пред локални избори, вредноста на тендерите за градежни работи е значително повисока.

Кое министерство, кој инспекторат или кое обвинителство ќе го прочита ова истражување и ќе отвори барем еден од 2.500-те анекси?