Skip to content

Снег од викендот, а потоа поларен студ: Попоски најавува и минус 10 степени до 7 декември

1 мин. читање
Сподели
Снег од викендот, а потоа поларен студ: Попоски најавува и минус 10 степени до 7 декември

Засега сѐ уште врне дожд. Во изминатите 24 часа најмногу дожд наврна во западните делови: 24 литри на квадратен метар во Лазарополе, 22 во Пожаране, 14 на Попова Шапка и 12 во Тетово. Според УХМР, дождот продолжува и денеска, локално над 20 литри на квадратен метар, со максимални температури од 6 до 13 степени, а во Скопје до 10.

Вистинската промена почнува во саботата навечер, 28 ноември. Според метеорологот Славчо Попоски, продорот на постуден воздух од север ќе го претвори дождот во снег во поголемиот дел од земјата, со најизразено заладување во неделата, 29 ноември. Во Повардарието и југоисточните предели се очекува дожд или дожд со снег.

Во повеќето места снежната покривка би требало да биде од 1 до 5 сантиметри, но во некои градови на запад и север и од 10 до 20 сантиметри, а на планините и во скијачките центри од 20 до 30. Во повисоките делови на Скопската котлина се очекуваат до 10 сантиметри. Во неделата утринските температури ќе бидат од минус 3 до 4, а дневните од 0 до 6 степени, со засилен северен ветер.

Потоа доаѓа сувиот студ. Од 30 ноември до 7 декември, според Попоски, Балканот ќе биде под влијание на поларен антициклон. Утринските температури насекаде ќе бидат под нулата, на повеќе места до минус 10 и пониско, а на планините и под минус 15. Ниту дневните нема да се одлепат многу: од минус 2 до 4 степени во најголемиот дел од земјата.

Значи, за помалку од една недела од дожд и плусни температури до снег и минус 10. Зимската опрема на возилата веќе е задолжителна, но вистинскиот тест е за патните служби и општините. Дали посипувачите ќе излезат пред првиот снег – или дури откако ќе се заглават првите колони?