Skip to content

Прилеп – Битола: 12 од 40 километри автопат следната година, а за 25 километри до Фариш сè уште не се знае ни дали ќе бидат автопат

1 мин. читање
Сподели
Прилеп – Битола: 12 од 40 километри автопат следната година, а за 25 километри до Фариш сè уште не се знае ни дали ќе бидат автопат

Автопатот Прилеп – Битола е долг 40 километри. Следната година, според министерот за транспорт Александар Николоски, во употреба ќе бидат пуштени првите 12. Останатите 28 ќе почекаат, а градбата, вели тој, се одвива „со добра динамика“.

Министерот како новина ја истакнува технологијата. Наместо класична земјена подлога, на трасата се става подлога од дробен камен, што според него значително ќе ја зголеми стабилноста при возењето. Тоа, вели, е првпат во Македонија, а така ќе се градат и Кичево – Букојчани и Скопје – Блаце.

Дупката од 25 километри

Поважниот дел од изјавата е она што не е решено. Автопатот почнува на околу девет километри од Прилеп, а меѓу Фариш и Прилеп остануваат 25 километри за кои државата сè уште не одлучила ни што ќе гради. „Во моментов разговараме да изнајдеме решение дали да се градат како автопат или експресен пат“, рече Николоски.

Од Градско до Фариш веќе се вози по двете пуштени делници на експресниот пат, Градско – Дреново и Дреново – Фариш. Од Прилеп кон Битола се гради автопат. А меѓу нив стојат 25 километри без одлука, токму делот што треба да ги спои двата проекта во еден пат кон Пелагонија.

За првата делница има конкретна бројка и година: 12 километри во 2027. За 25-те километри до Фариш нема ни едното ни другото. Дали Пелагонија ќе добие цел пат или две парчиња што не се допираат?