Skip to content

Мицкоски од средбата во Софија очекува разговор „на коњопој“, а Бугарија уште официјално не одговорила

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски од средбата во Софија очекува разговор „на коњопој“, а Бугарија уште официјално не одговорила

Шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцунски и неговата бугарска колешка Велислава Петрова-Чамова би требало да се сретнат во четврток во Софија, на маргините на министерската конференција за Коридорот 8. Би требало – затоа што до вчера официјален одговор од Бугарија на барањето што Скопје го испрати уште во петокот немаше.

Иницијативата дојде по посетата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Скопје. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш рече дека ќе го послуша нејзиниот совет и ќе побара средба на министрите. Бугарското министерство за надворешни работи, пак, преку медиумите соопшти дека во рамки на форумот „ќе има можност“ за билатерална средба, како дел од „редовниот дијалог меѓу двете земји“.

Мицкоски не крие дека не очекува многу. „Имајќи го предвид однесувањето на официјална Софија, не очекувам потврда, не очекувам ништо, очекувам некој дијалог „pull aside“, ние така го викаме на коњопој, и тоа отприлика да биде тоа“, изјави премиерот.

Опозицијата вели дека токму тоа е проблемот. „Уште пред да се случи таа средба, гледаме стратегија на поткопување на таа средба“, рече Андреј Жерновски, обвинувајќи го премиерот дека сака да ја врати Македонија назад. Од Софија, пак, бугарската претседателка Јотова порача дека не треба да има ултиматуми од македонска страна.

Така изгледа дипломатијата меѓу Скопје и Софија: нота од едната страна, одговор преку медиуми од другата, и премиер што пред првото ракување веќе ја нарекува средбата коњопој. Ако разговорот е навистина прв чекор кон деблокада на евроинтеграциите, како што го опишаа Мицкоски и Фон дер Лајен, дали некој во двете престолнини навистина сака тој чекор да успее?