Skip to content

Втор ребаланс за годината: Приходите и расходите се намалуваат за по околу 86 милиони евра, а дефицитот веќе го надмина планот

0 мин. читање
Сподели
Втор ребаланс за годината: Приходите и расходите се намалуваат за по околу 86 милиони евра, а дефицитот веќе го надмина планот

Владата го усвои предлогот за втор ребаланс на Буџетот за 2026 година, само неколку месеци по јулскиот. Планираните приходи се намалуваат од 379,5 на 374,2 милијарди денари – кратење од 5,31 милијарди денари, односно околу 86,3 милиони евра. Расходите паѓаат од 425,8 на 420,5 милијарди денари, за 5,27 милијарди, или околу 85,8 милиони евра.

Објаснувањето е намалената акциза и ДДВ кај горивата – мерки со кои, според Владата, се ублажуваат ценовните удари врз граѓаните и бизнисот. Од соопштението, сепак, не може да се види кои ставки ќе го понесат кратењето на расходите. Предлогот сега оди во Собранието.

Дефицитот е веќе потрошен

Владата нагласува дека дефицитот останува непроменет, на 4,1 отсто од БДП, односно околу 46,3 милијарди денари. Но тоа е веќе зголемена бројка: првичниот буџет предвидуваше 39,2 милијарди денари дефицит, а јулскиот ребаланс го крена за уште 7 милијарди.

Реалноста е уште понеудобна. Според фискалниот бројач на Министерството за финансии, заклучно со 6 октомври приходите изнесуваат 267,5 милијарди денари, а расходите 317,7 милијарди. Тоа е дефицит од 50,2 милијарди денари, или околу 817 милиони евра – за речиси 4 милијарди денари над годишниот план што Владата вели дека го задржува. За да се стигне до планот, во последните месеци од годината државата ќе мора да собере околу четири милијарди денари повеќе отколку што ќе потроши.

„Лошо испланирани приходи“

Економистите не се воодушевени. Поранешниот министер за финансии Никола Поповски предупредува дека вториот ребаланс не е добра слика за економијата и дека финансирањето на потрошувачката во последниот квартал ќе биде ограничено, а инфраструктурните инвестиции преку странски кредити дополнително ќе го зголемуваат јавниот долг. Економскиот аналитичар Синиша Пекевски е уште подиректен: „Планираните приходи се лошо испланирани и заради тоа се прави втор ребаланс, а нема голема кризна ситуација“.

Два ребаланси за една година, а голема кризна ситуација, како што забележува и Пекевски, нема. Дали проблемот е во цената на горивото – или во бројките што се пишуваат на почетокот на годината со надеж дека некако ќе излезат?