Skip to content

Втор ребаланс годинава: за помалку од недела проценетиот кусок во приходите скокна до 130 милиони евра

1 мин. читање
Сподели
Втор ребаланс годинава: за помалку од недела проценетиот кусок во приходите скокна до 130 милиони евра

Владата прави втор ребаланс на буџетот годинава, а процедурата треба да заврши до крајот на октомври, најави премиерот Христијан Мицкоски. Причината се помалите приходи од акцизи и ДДВ, кои Владата ги намали за да ги држи цените на горивата ниски. Кусокот, според Мицкоски, е 7 до 8 милијарди денари, односно до околу 130 милиони евра.

Проценката расте побрзо од што се објаснува. Минатата среда, на 30 септември, премиерот зборуваше за 6 до 7 милијарди денари, или околу 97 до 113 милиони евра. За помалку од една недела бројката се зголеми за уште една милијарда денари. Првиот ребаланс беше донесен кон крајот на јули.

Каде ќе се крати? Мицкоски не прецизираше кои буџетски корисници ќе добијат помалку. Рече само дека приоритет се стандардот на граѓаните и ниската инфлација и повторно порача дека горивата кај нас се „од 25 до 50 центи“ поевтини од сите во регионот. На 5 октомври Регулаторната комисија за енергетика ги намали цените уште еднаш: дизелот за три денари, а бензините за денар и половина по литар.

Со јулскиот ребаланс приходите беа проектирани на 379,5 милијарди денари, а расходите на 425,8 милијарди, со дефицит од 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од БДП. До средината на септември, според достапните податоци, остварениот дефицит веќе се приближил до планираниот годишен износ.

Опозицијата не го купува образложението. Лидерот на СДСМ Венко Филипче тврди дека ако цената на горивата е зголемена за повеќе од 50 проценти, тогаш и со пониски ДДВ и акциза приходите од поскапото гориво не би требало да паднат толку колку што кажува Владата. ЛДП, пак, бара наместо да се субвенционира горивото на граѓаните од соседните држави што точат кај нас, да се воведе поврат на ДДВ за домашните граѓани и бизниси.

Најевтиното гориво во регионот е политика што одлично звучи на пумпа. Но кога проценката за нејзината цена се зголемува за една недела, а никој не кажува од чија ставка ќе се плати, тоа веќе не е само ценовна политика. Кој ќе ја покрие разликата – и дали тоа ќе го дознаеме пред или по ребалансот?