Skip to content

„Можеме да ѝ го направиме тоа на која било земја. И тука“: Трамповата амбасадорка во Атина и прашањето кој ги менува владите на Балканот

1 мин. читање
Сподели
„Можеме да ѝ го направиме тоа на која било земја. И тука“: Трамповата амбасадорка во Атина и прашањето кој ги менува владите на Балканот

Американската амбасадорка во Грција, Кимберли Гилфојл, на приватна вечера во Атина, зборувајќи за политичката криза во Романија, наводно изјавила: „Можеме да ѝ го направиме тоа на која било земја што сакаме. Можеме и тука.“ Тука – значи во Грција. Вака вечерата ја опиша „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на лице кое присуствувало и на други на кои разговорот подоцна им бил прераскажан.

Вечерата била во март, со американски и грчки функционери на масата. Грчкиот министер за животна средина и енергетика, Ставрос Папаставру, според истите извори, ѝ одговорил дека САД не можат да ја сменат грчката влада, бидејќи ја избрале грчките гласачи. Разговорот потоа станал многу напнат. Адвокатот на Гилфојл го оспорува ваквиот опис.

Тајмингот е она што ја прави реченицата непријатна. Во март владата на романскиот премиер Илие Болојан беше пред сериозна криза. На 5 мај падна: Социјалдемократската партија ја повлече поддршката, нејзините министри ја напуштија коалицијата, а парламентот изгласа недоверба. Самата изјава, дури и да е пренесена точно, не е доказ дека Вашингтон имал прсти во падот – и тоа треба да се каже гласно. Но кога амбасадорка на суперсила вака зборува на вечера, прашањето само се поставува.

Реченицата е само дел од поширока приказна. Според весникот, Гилфојл последните месеци интензивно патувала низ Југоисточна Европа промовирајќи го т.н. Вертикален гасен коридор – маршрута по која американскиот течен гас би стигнувал преку Грција и другите балкански земји до Централна и Источна Европа и до Украина.

Покрај неа редовно се појавува Христос Марафацос, американски бизнисмен со грчко потекло и лобист на грчката градежна и енергетска компанија „Актор“. Толку често ја придружувал на средбите со државни функционери што некои странски претставници мислеле дека е дел од нејзиниот дипломатски тим, иако е приватен граѓанин. Весникот пишува дека Гилфојл во разговорите со балкански функционери промовирала зделки во кои учествува „Актор“, а компанијата и нејзините партнери последните месеци склучувале гасни договори во повеќе земји од регионот.

Адвокатот вели дека амбасадорката соработувала со компании од целиот енергетски сектор преку официјални канали. Државниот секретар Марко Рубио јавно ја опиша како многу ефикасна застапничка на политиката на Трамп. Пред дипломатијата, Гилфојл беше обвинителка и водителка на „Фокс њуз“, со години во најтесниот круг околу семејството Трамп – и свршеница на Доналд Трамп Помладиот.

Геополитика, гас, бизнис и лични врски – сè на една маса. Балканот ја знае оваа сцена напамет: големата сила носи понуда, а со понудата доаѓа и „пријател“ кој случајно лобира. Колку други функционери во регионот слушнале слична реченица – и колкумина одговориле како Папаставру?