Skip to content

Мир за Украина со нафтен додаток: меѓународниот имот на Лукоил од 20 милијарди долари влезе во преговорите

1 мин. читање
Сподели
Мир за Украина со нафтен додаток: меѓународниот имот на Лукоил од 20 милијарди долари влезе во преговорите

Преговорите меѓу Вашингтон и Москва за крај на војната во Украина досега се водеа со речник на генерали и дипломати: територии, безбедносни гаранции, санкции, прекин на огнот. Според американскиот печат, во разговорите сега влезе и нешто многу попрофитабилно – меѓународниот имот на рускиот нафтен гигант Лукоил, проценет на околу 20 милијарди долари.

Тоа не се неколку пумпи покрај автопатот. Пакетот опфаќа нафтени и гасни полиња од Централна Азија до Мексико, повеќе од три милијарди барели докажани и веројатни резерви, илјадници бензински станици низ светот и рафинерии во Европа – меѓу нив и погони во Бугарија и Романија. Дел од она што се пазари во Кремљ, значи, стои во нашето непосредно соседство.

Путин сам ја отвори темата

Според луѓе запознаени со разговорите, прашањето за продажбата лично го покренал Владимир Путин на средбата со Стив Виткоф и Џаред Кушнер во Кремљ на 5 септември. Неговата идеја, според еден од изворите, била зделката да послужи како демонстрација пред руската јавност дека Москва повторно може да прави бизнис со Америка. Мирот, значи, треба да дојде заедно со потврда за успешна трансакција.

Купувачите се блиски до преговарачите

Главен кандидат за имотот е американскиот милијардер Тод Боли, сосопственик на бејзбол клубот Лос Анџелес Доџерс. Боли претходно дал вкупно два милиони долари за проекти поврзани со Доналд Трамп – еден милион за политички комитет што го поддржува Трамп и уште еден милион преку својата компанија за претседателската инаугурација. Во неговиот конзорциум се и катарските бизнисмени Мутаз и Рамез ал Хајат, чие семејство веќе работи со Кушнер и со Иванка Трамп. Заедно развиваат и голем луксузен туристички проект – во Албанија.

Втор голем играч треба да биде фонд поврзан со шеикот Тахнун бин Зајед ал Нахјан, советник за национална безбедност на Обединетите Арапски Емирати и брат на претседателот на државата. Фондови под негова контрола се поврзани со инвестициската компанија на Кушнер, „Affinity Partners“, а друга структура блиска до него купила голем удел во крипто-компанијата на семејството Трамп, „World Liberty Financial“, чиј сооснивач бил и Виткоф. Американскиот печат сепак наведува дека нема докази оти Виткоф или Кушнер лично би заработиле од продажбата, а претставничката на Виткоф изјави дека тој нема финансиски интерес во зделката ниту судир на интереси.

Државата е и купувач и судија

Најчудниот дел е што во конзорциумот е вклучена и самата американска држава – Меѓународната развојна финансиска корпорација (DFC), која според поранешни наводи би можела да добие околу 15 проценти од новата компанија формирана за преземањето. Висок функционер на администрацијата потврдил дека Виткоф и Кушнер учествувале и во преговорите за условите на државното влагање, за САД да добијат значителна уплата однапред и дел од идниот профит. Така Вашингтон се наоѓа во двојна улога: еден дел од државата станува инвеститор и сосопственик, а друг дел треба да одлучи дали ќе даде регулаторно одобрение и изземање од санкциите, без кое зделката практично не може да помине. Кој тогаш на кого ќе му каже „не“?

Санкциите како машина за пари

Токму американските санкции ја прават приказната толку слатка за купувачите. Лукоил го стави меѓународниот имот на продажба откако се најде под санкции – тоа го намали бројот на можни купувачи и ја сруши вредноста на пакетот. Ако Вашингтон ја одобри продажбата и му дозволи на новиот сопственик да работи без тие ограничувања, имотот купен евтино би можел речиси веднаш да вреди многу повеќе. Боли во меѓувреме се обидува да ја истисне американската инвестициска компанија Carlyle, која веќе постигнала договор за дел од имотот, но со месеци чека одобрение од американските власти.

Мир со фактура

Администрацијата на Трамп пресметува дека отворањето на големи американско-руски деловни зделки би можело да му даде на Кремљ дополнителен мотив за компромис. Американските преговарачи веруваат и дека договорот за Лукоил би ја зголемил понудата на енергија и би ги намалил светските цени. За Путин пресметката е поинаква: конкретен доказ дека политички договор со Вашингтон ги отвора вратите на западниот капитал и пазари за руските компании.

Зделката засега не е склучена. Потребно е одобрение и од американските власти и од Кремљ, а Белата куќа, американското Министерство за финансии и Лукоил не ги коментираа наводите. Но рамката е јасна: покрај територијата, гаранциите и прекинот на огнот, на преговарачката маса сега лежи и нафтен имот од 20 милијарди долари. Кога големите се договараат за мир, а рафинериите во соседна Бугарија менуваат газда во пакет, дали некој во регионот воопшто ќе биде прашан?