Skip to content

Нова градинка, сали и „мега-парк“ во Карпош: отчетот на општината стигна како соопштение на ВМРО-ДПМНЕ

1 мин. читање
Сподели
Нова градинка, сали и „мега-парк“ во Карпош: отчетот на општината стигна како соопштение на ВМРО-ДПМНЕ

Градоначалникот на Карпош, Сотир Лукровски, презентираше отчет за реализираните и започнатите проекти откако ја презеде функцијата. Речиси идентичен преглед стигна до медиумите и како соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, со најава за „нов инвестициски циклус“ во општината.

Бројките, сами по себе, се конкретни. На критични локации се расчистени над 3.500 кубни метри наталожен материјал, а со отстранување на повеќе од 150 хаварисани возила се ослободени исто толку паркинг места. Завршени се реконструкциите на улиците „Џумајска“ и „Трифун Бузев“, реконструиран е дел од „Бранислав Нушиќ“, а тече реконструкцијата на „Јуриј Гагарин“ во Козле. Во Долно Нерези се реконструира водоводната мрежа за да се подобри притисокот на водата, а во Бардовци почнала изградба на неколку улици. Обновени се и детски и спортски игралишта на повеќе локации.

За периодот што следува се најавува детската градинка „Пролет 2“ во Козле, со капацитет за 130 деца, и две нови повеќенаменски спортски сали: едната се гради во ООУ „Димо Хаџи Димов“ во Влае, со површина од околу 1.400 квадратни метри, а за другата во ООУ „Братство“ е поставен камен-темелник. На списокот е и „мега-парк“ со нови зелени површини. Колку ќе чини, каде точно ќе биде и кога ќе биде готов – во објавените информации не пишува.

Ништо од ова не е лошо за жителите на Карпош. Напротив. Проблемот е во адресата. Градинките, улиците и салите се градат со пари на граѓаните, преку општинскиот буџет, а не од партиска каса. Кога отчетот на една општина стига како соопштение на партија, граѓанинот има право да праша: кој ја гради градинката – општината или партијата?

Карпош заслужува нова градинка, нови сали и подобри улици. Заслужува и отчет што го потпишува општината, со рокови и суми – а не со пароли за „конкретни проекти и видливи резултати“.