Skip to content

Царината наплати над 2,1 милијарди евра, но Брисел го спушти напредокот од „добар“ на „одреден“

1 мин. читање
Сподели
Царината наплати над 2,1 милијарди евра, но Брисел го спушти напредокот од „добар“ на „одреден“

Царинската управа во 2025 година наплатила над 2,1 милијарди евра приходи, за 5,2 проценти повеќе од претходната година, наведува најновиот извештај на Европската комисија, објавен на 4 ноември. Износот се однесува на вкупните приходи што ги собира Царината, не само на царинските давачки.

Бројката е добра вест за буџетот, но оценката не е. Комисијата вели дека Македонија има „добро ниво на подготвеност“ во Поглавјето 29 – Царинска унија, но напредокот во последниот период го оценува како „одреден“, по „добар“ во лањскиот извештај. Минатогодишните препораки се само делумно спроведени и во најголем дел остануваат важечки.

Најголемата промена е во контролите. Уделот на физичките проверки во обработените царински декларации скокнал од 5,5 на 13,5 проценти, а уделот на документарните контроли паднал од 17,4 на 9,5 проценти. Повеќе отворени камиони не значи автоматски повеќе фатени неправилности – колку измами и шверц се откриени, од овие бројки не може да се види.

Брисел бара брзо донесување нов Царински законик, заедно со подзаконските акти – порака што беше испратена на 30 октомври, на поткомитетот за трговија, индустрија, царина и оданочување. Бара и надградба на информатичките системи, преминување во нова фаза од компјутеризираниот транзитен систем и посилна борба против царинските измами, особено со тутунски производи. Царината во 2025 учествувала во пет меѓународни операции, а со европски пари добила возила, заштитна опрема и нова информатичка опрема.

Повисоките приходи лесно се претставуваат на прес-конференција. Законикот што Брисел го бара, а го нема – потешко. Кој ќе објасни зошто доцни?