Skip to content

Карпош го одложи панелот за семејно насилство закажан за март и никогаш не го презакажа, а за 50-годишнината се најавува избор на Мис Карпош

1 мин. читање
Сподели
Карпош го одложи панелот за семејно насилство закажан за март и никогаш не го презакажа, а за 50-годишнината се најавува избор на Мис Карпош

Општина Карпош годинава наполни 50 години, а свечената завршница на јубилејот, на 28 ноември, според најавата на градоначалникот Сотир Лукровски, треба да биде избор на Мис Карпош. Темата беше на седницата на Советот во петокот. Во недела Скопје го виде големиот протестен марш против фемицидите „Ниту една повеќе!“, по убиството на 17-годишната Билјана Кириќ од Богданци.

Писателката и професорка Румена Бужаровска ја поврза хронологијата. Годинава во Карпош животите ги загубија Ивана и Катја. По тоа општината го одложи панелот „Семејно насилство – од закон до пракса“, закажан за 9 март, и никогаш не го презакажа. „Но затоа, предлага избор на Мис Карпош“, напиша таа.

Според Бужаровска, скандалозно е општина во која жените се половина од жителите, во време на протести, гнев и тага, да организира манифестација што во преден план го става оценувањето на младото женско тело. Таа потсетува дека Карпош има доволно уметници, музичари, писатели, глумци и режисери за достоинствена прослава. Порачува и дека, ако изборот се одржи, нема да помине тивко: „Многу сме, гневни сме, и доста ни е“.

Лукровски на седницата во петокот рече дека општината нема да го организира изборот, туку дека тоа е иницијатива на модна агенција, и дека не може да ја сфати деструктивноста на некои советници кон сè што ќе се направи. Ако е така, останува едноставно прашање: зошто тогаш изборот се најавува како свечена завршница на јубилејот на општината?

И второ, поважно: ако во програмата за јубилејот има место за мис, кога ќе се најде место и за панелот за семејното насилство што требаше да се одржи уште во март?