Skip to content

SpaceX доби дозвола за до милион сателити со дата центри во орбита: Amazon го нарече планот „висока амбиција, а не вистински план“

1 мин. читање
Сподели
SpaceX доби дозвола за до милион сателити со дата центри во орбита: Amazon го нарече планот „висока амбиција, а не вистински план“

Американската Федерална комисија за комуникации (FCC) на 25 ноември му даде на SpaceX условна дозвола да лансира и да управува со констелација од до милион сателити. Целта не е интернет, туку дата центри во орбита – процесори што ќе работат за вештачката интелигенција на височина од 500 до 1.002 километри над нашите глави.

Сателитите се викаат Starmind. Меѓусебно и со Starlink ќе комуницираат главно со ласер, а дозволата предвидува и резервно радиоуправување од Земјата ако основните системи откажат. Рокот е широк: седум години за првиот оперативен сателит, 14 години за целата констелација.

Претседателот на FCC, Брендан Кар, рече дека одлуката „отвора смела нова граница за компјутерската инфраструктура потребна за американското лидерство и раст“. Илон Маск му се заблагодари на X, нарекувајќи ја дозволата „големо богатство за Америка и за светот“. Регулаторот и регулираниот, во совршена хармонија.

Не сите аплаудираа. Amazon, Viasat и Американското астрономско друштво поднесоа приговори поради вселенскиот отпад, гужвата во орбитата, пречките на радиофреквенциите и влијанието врз животната средина. Amazon, директен конкурент на Starlink, планот го нарече „висока амбиција, а не вистински план“. Дел од приговорите, меѓу нив и заканата за научните истражувања, FCC ги отфрли со образложение дека не се во нејзина надлежност.

Поважно е она што уште не е одобрено. FCC сѐ уште не го прифатила планот на SpaceX за вселенскиот отпад кај сателитите над 600 километри. Компанијата бара изземање од правилото според кое сателитите под 2.000 километри мора повторно да влезат во атмосферата во рок од пет години по крајот на мисијата. Наместо тоа, дел од истрошените сателити сака да ги премести во други орбити околу Земјата или околу Сонцето.

Дозволата не значи дека дата центрите во вселената се зад аголот. SpaceX треба да ги намали трошоците за производство и лансирање, да смисли како се лади процесор во вселената и да најде кој ќе ги финансира чиповите што ќе летаат во орбита. Хартијата е потпишана, а физиката и парите допрва ќе го кажат своето.

Орбитата формално не е ничија, но кој прв ќе ја наполни со милион сателити, практично ги пишува правилата за сите што доаѓаат после. Европа сѐ уште ја гради својата сателитска мрежа IRIS². Американскиот регулатор во меѓувреме отвори простор за констелација од до милион сателити на една приватна компанија. Дали Брисел ќе има што да каже – или пак ќе дознае од X?