Skip to content

Четири нови училници по 42 години: учениците од прво до трето одделение во „Ацо Шопов“ ќе учат само во прва смена

0 мин. читање
Сподели
Четири нови училници по 42 години: учениците од прво до трето одделение во „Ацо Шопов“ ќе учат само во прва смена

Основното училиште „Ацо Шопов“ во скопската населба Радишани, кое го посетуваат над 800 ученици, доби доградба: четири нови училници, ходник и тоалети на 400 квадратни метри, со простор за дополнителни стотина ученици. Вредноста е 37 милиони денари, од буџетот на Министерството за образование и наука.

Резултатот е конкретен. Учениците од прво до трето одделение ќе одат само во прва смена, а ќе може да се организира и целодневна настава, па децата ќе бидат згрижени додека родителите се на работа. Во училиштето се гради и затворен базен.

„Со овој зафат се решава децениски проблем и за учениците и за родителите“, рече градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски. Тоа е првата надградба на училиштето по 42 години.

21 од над илјада

Министерката за образование Весна Јаневска рече дека од 1.023 основни училишта во државата, повеќе од 60 проценти веќе работат во една смена, целосно или делумно. Во иднина, најави таа, уште 21 училиште ќе се подготви за едносменска настава.

Значи, до 40 проценти од училиштата сѐ уште работат во две смени. Дваесет и едно училиште е чекор. Не е решение.

На отворањето на четирите училници беа премиерот Христијан Мицкоски, министерката, градоначалникот и пратеничка. Мицкоски рече дека преку програмата за децентрализација на средства од централниот буџет кон општините се реализираат повеќе од 1.200 проекти. Добро е што децата во Радишани добија простор. Уште подобро би било ниту едно од следните 21 училиште да не чека колку што чекаше ова.