Skip to content

163 притвори за семејно насилство годинава наспроти 44 лани: бројките на Тошковски, кажани на партиска трибина

1 мин. читање
Сподели
163 притвори за семејно насилство годинава наспроти 44 лани: бројките на Тошковски, кажани на партиска трибина

„Како општество, еднаш засекогаш, мора да престанеме да се лажеме и да почнеме да зборуваме отворено“, рече министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Добра реченица. Изговорена на панел-дискусија што ја организираа Унијата на жени, Градскиот комитет и Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на кампањата „16 дена активизам“.

Тошковски изнесе податок што звучи како пресврт: лани биле изречени 44 мерки притвор за осомничени за семејно насилство, а годинава 163. Тој го нарече тоа зголемување на институционалниот одговор од 300 проценти. Математички, од 44 на 163 е раст од околу 270 проценти, односно речиси четирипати повеќе притвори. Бројка доволно силна за да се каже прецизно.

Министерот најави и боди-камери за сите униформирани полицајци, со тест-период кој веќе започнал, како и обука на 2.500 до 3.000 полициски службеници во следните десет години. Секој доказ, вели, веднаш ќе оди кај јавниот обвинител. „Нема ЦД-а, нема УСБ-стикови, нема, заврши“, рече тој.

Станови скриени од јавноста

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски кажа дека Градот обезбедил целосно опремен стан за привремен престој на жртвите на семејно насилство, на локација недостапна за јавноста, и дека наредната година ќе обезбеди повеќе такви. „Дали со тоа целосно се решаваат проблемите? Не се решаваат“, призна тој. Градот нуди и правна и психолошка поддршка, транспорт, пакети со храна, финансира невладини организации и бара работа за жртвите преку приватни компании.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски информираше дека во државата има десет шелтер-центри, а министерката за образование Весна Јаневска рече дека училиштата годишно регистрираат 50 до 60 пријави за врсничко насилство и дека насилството станува сѐ побрутално.

Државата, на партиска сцена

Сите овие најави се важни. Токму затоа е чудно што дојдоа преку партиски настан, а не преку институциите што ги водат овие луѓе. Жртвата на семејно насилство не треба да ја следи програмата на партиските унии за да дознае каде може да се засолни.

Панелот се одржа на денот кога демонстрантите истураа земја пред МВР. Тошковски на него праша дали некој од оние што протестирале памети име на жена што го загубила животот поради семејно насилство во 2018 година. Можеби не паметат. Токму затоа протестираат: за да не мора да паметат нови имиња.