Skip to content

Источна Македонија повторно заборавена? Нова стратегија за туризам, стари приоритети

0 мин. читање
Сподели
Источна Македонија повторно заборавена? Нова стратегија за туризам, стари приоритети

Македонија подготвува нова Национална стратегија за развој на туризмот за периодот 2027–2032 година. Повторно се зборува за рамномерен регионален развој, подолг престој на туристите и подобрување на туристичката понуда.

Но, во објавените информации од јавната расправа се споменуваат Скопје, Охрид и Југоисточниот регион, додека за Источна Македонија нема конкретни податоци.

Ниту Виница, ниту Кочани, ниту Берово, ниту Пехчево, ниту Делчево, ниту Штип.

Регионот располага со огромен туристички потенцијал – Осоговските Планини, Пониква, Малешевијата, Виничкото Кале, Лесновскиот манастир, термалните извори, езерата и природните богатства.

Сепак, во информациите од јавната расправа не е наведена ниту една конкретна инвестиција во Источниот регион, ниту проект, ниту финансиски средства, ниту рок за реализација.

Источна Македонија со години се соочува со иселување на младите, намалување на населението и недостиг од инвестиции. Токму туризмот може да биде една од можностите за економско заживување на овој дел од државата.

Затоа, Министерството за култура и туризам треба јавно да одговори што конкретно предвидува новата стратегија за Источна Македонија, кои проекти ќе се реализираат и колку пари ќе бидат обезбедени за нив.

Македонија не завршува на Скопје и Охрид. Источна Македонија не бара привилегии, туку рамноправен развој.

Рамномерниот регионален развој не се постигнува со стратегии, презентации и ветувања, туку со инвестиции, инфраструктура и нови работни места.