Skip to content

Лична карта и возачка на мобилен од 28 октомври, но сè уште не е кажано каде ќе можат да ги заменат вистинските

1 мин. читање
Сподели
Лична карта и возачка на мобилен од 28 октомври, но сè уште не е кажано каде ќе можат да ги заменат вистинските

Од 28 октомври личната карта и возачката дозвола ќе можат да се носат и во телефонот. Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави дека тогаш официјално ќе биде промовирана апликацијата „м.Услуги“, која, вели, е целосно безбедна, бесплатна и не е задолжителна.

„Ова е првиот чекор кон дигитален паричник. Бесплатна е за користење и за симнување. Не е задолжителна, не мора секој да ја симне, но ќе нуди низа погодности“, рече Андоновски во телевизиско гостување. Апликацијата е во завршна фаза на тестирање, а се разговара со Google Play и Apple за да се појави во нивните продавници.

Механизмот, според министерот, е едноставен: внесуваш лични податоци, системот ги повлекува од порталот Услуги.мк, а со бројот на личната карта се повлекува и самата лична карта.

Прашањето што остана неодговорено

Она што најавата не го кажа е најважното за обичниот човек: каде ќе важи дигиталната лична карта? Засега не е прецизирано во кои ситуации електронските документи ќе можат да ги заменат физичките. Ќе ја прифати ли сообраќаен полицаец на контрола? Шалтер во банка? Пошта, општина, хотел?

Ако одговорот е „засега никаде“, тогаш „м.Услуги“ е убава копија на документот што и онака го носиме во паричникот. Дигиталниот документ вреди онолку колку што институциите се подготвени да го прифатат. Ќе донесе ли 28 октомври и список каде апликацијата навистина важи?

Роамингот – почетокот на 2027

Андоновски зборуваше и за најавениот „роаминг како дома“ со Европската Унија. Предлог-текстот на договорот стигнал пред неколку дена и е испратен до министерствата за мислење, со рок до крајот на неделата. Потоа следуваат забелешки до Европската комисија и преговори, а министерот очекува договорот да биде готов на почетокот на 2027 година.