Skip to content

Осум месеци најави, нула резултат: Николоски признава дека нема европско решение за превозниците

1 мин. читање
Сподели
Осум месеци најави, нула резултат: Николоски признава дека нема европско решение за превозниците

Осум месеци. Толку време помина откако македонските превозници ги кренаа блокадите, а вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека од Брисел пристигнале „одлични вести“. Сега, пред австриски стопанственици, истиот Николоски вели: „Веќе осум месеци имаме разговор и дијалог што не вродува со сериозен плод.“

Меѓу тие две реченици стои цела година на најави.

Што всушност се случи на 29 јануари

Тогаш Николоски напиша дека македонските ставови биле прифатени и дека возачите биле препознаени како професионалци. „Тоа е тоа што го баравме“, порача. Документот што Европската комисија го усвои истиот ден, сепак, не го укина правилото 90 дена престој во период од 180 дена. Стратегијата само констатираше дека категориите со висока мобилност можат да имаат потреба од подолг престој и најави барање на „прагматични решенија“.

Отворање процес, не готово решение. Веќе следниот ден Комисијата јавно потврди дека правилото 90/180 останува на сила и дека за подолг престој е потребна долгорочна виза или дозвола.

На 20 февруари прашањето било „високо на агендата во Брисел“. На 5 април преговорите „одат добро“. Во јули – Македонија „самостојно и успешно го решава проблемот“. На 2 септември „излезот за превозниците е на повидок“. Две недели подоцна: без сериозен плод.

Сега решението е билатерално

Наместо европско изземање, се оди држава по држава. Николоски вели дека таков договор засега е постигнат само со Хрватска и Словенија, а се очекува и со Австрија.

„Решението е едноставно, но во суштина комплицирано. Мора да се направат што повеќе договори со повеќе држави. Во рамки на Шенген-зоната нема ограничување од која држава ќе извадите виза, бидејќи таа ја покрива целата Шенген-зона“, изјави министерот на Македонско-австрискиот бизнис-форум.

Двете клучни рути се познати: Унгарија-Австрија-Германија и Хрватска-Словенија-Германија. Дел одат транзит и кон Франција и Велика Британија, вториот најголем трговски партнер на земјава.

Од Асоцијацијата на македонски превозници МАКАМ-ТРАНС велат дека расположение за такви договори кај шенгенските членки има, но процесот мора да се забрза – штетите што ги трпат превозниците се огромни.

Апсурдот што го именуваше самиот министер

„Во 21 век, со признати либерализации со земја кандидат за членство во ЕУ, која ги почна преговорите, да разговараме дали македонски превозник, кога ќе се качи во камион, треба да ги брои деновите, часовите и минутите“, рече Николоски.

Со тоа не може да се расправа. Но апсурдот што го опишува не го создаде Брисел сам. Осум месеци најави дека решението е при крај, а решението никогаш не било блиску – тоа е домашна одлука за тоа како се комуницира со сопствените превозници.

Возачот што ги брои деновите до деведесеттиот не чита стратегии. Тој гледа дали ќе може да вози следниот месец. Билатералните договори можеби ќе го решат тоа. Но не се исто со она што беше ветено во јануари.