Skip to content

Македонија тоне во зависности: Коцкарници, кладилници и брзи кредити на секој чекор – кој ќе ја плати цената?

0 мин. читање
Сподели

Додека државата зборува за економија, реформи и иднина за младите, реалноста на улиците изгледа сосема поинаку. Во речиси секој град во Македонија, а во многу населби буквално на секоја улица, никнуваат коцкарници, спортски кладилници и компании за брзи кредити. Сѐ е достапно за неколку минути – од рулет и апарати, до онлајн обложување и кредит „за 5 минути“.

Иако одамна е докажано дека коцкањето создава сериозна психолошка зависност, системот дозволува агресивна експанзија на индустријата која заработува од туѓа несреќа. Спортското обложување веќе стана дел од секојдневието и кај најмладите. Децата растат опкружени со реклами за „лесна добивка“, квоти, бонуси и онлајн апликации за обложување. Дури и кога малолетниците не уплаќаат директно, често тоа го прави некој повозрасен за нив, со што уште од рана возраст се создава опасна навика и зависност.

Паралелно со тоа, брзите кредити станаа новата финансиска замка за илјадници граѓани. Пари се земаат лесно, но последиците се тешки – долгови, камати, притисоци и целосен финансиски колапс на семејства кои веќе едвај преживуваат.

Резултатот е катастрофален: уништени фамилии, распаднати бракови, долгови, депресија и млади луѓе кои наместо да градат иднина, влегуваат во круг од кој тешко се излегува. Македонија полека станува држава во која зависностите се побрзо се шират од инвестициите, науката и можностите за нормален живот.

Прашањето е едноставно: дали општеството ќе продолжи мирно да гледа како цели генерации се туркаат кон коцка, долгови и зависност, или конечно ќе се отвори сериозна дебата за последиците што веќе ги чувствуваат илјадници семејства низ државата?

Ова веќе не е само бизнис. Ова е аларм за општествена катастрофа.

Според податоците кои со години ја алармираат јавноста, во маркетите се вртат околу 700 милиони евра, а во кладилниците и коцкарниците дури околу 900 милиони евра.

И тука доаѓа најважното прашање: има ли некој политичар, институција или партија што ќе се осмели јавно да предложи затворање или драстично ограничување на кладилниците и коцкарниците, за конечно да се спаси народот од зависност која секој ден зема нови жртви?

Затоа што ако продолжи ова темпо, Македонија ризикува да стане држава во која коцката ќе биде посилна од образованието, трудот и иднината на младите.