Skip to content

ЛеБрон за прв пат во 21 година ист како сите други: All-NBA низа завршена со техникалност

1 мин. читање
Сподели
ЛеБрон за прв пат во 21 година ист како сите други: All-NBA низа завршена со техникалност

Серијата што изгледаше како да нема крај, конечно има крај. ЛеБрон Џејмс по дваесет и една сезона за прв пат не е дел од All-NBA тимовите – историско ниво кое никој пред него во НБА историјата го немал. Двадесет и една година присуство на највисоко ниво. Тоа е цела генерација играчи кои дојдоа, играа кариера и заминаа за тоа време.

Лигата ги објави трите All-NBA тимови за сезоната 2025/26, и името на ЛеБрон не е на ниту едно од петнаесетте места. Не е работа на пад во форма – со 41 година Џејмс просечно постигнуваше 20,9 поени, 6,1 скокови и 7,2 асистенции, бројки кои поголем дел од НБА би ги потпишал слепо. Помогна Лејкерс да завршат на четврто место во Западната конференција и да стигнат до второ коло од плеј-офот.

Проблемот е техникалност. НБА пред неколку години воведе правило дека играч мора да одигра минимум 65 натпревари за индивидуални признанија. ЛеБрон одигра 60. Ги пропушти првите 14 натпревари од сезоната поради ишијас, и тие 14 натпревари го фрлија надвор од право на All-NBA, MVP, и сите други индивидуални категории.

Низата започна во сезоната 2004/05, кога Џејмс прв пат беше изгласан во All-NBA Втор тим заедно со Двејн Вејд, Кевин Гарнет, Амар’е Студемајер и Реј Ален. Минатата сезона ја заврши со уште една селекција во Вториот тим. И така – двадесет и една година по ред.

Сега има договор кој истекува со вредност од 52,6 милиони долари и одлука што ќе се чека низ целото лето. ЛеБрон со 41 година игра како триесетгодишник, но прашањето веќе не е дали уште може – прашањето е каде. Пензионирање, продолжување, размена. Сè е на масата, и сè ќе биде разлог за наслови до септември.