Skip to content

Мицкоски најави 200 вработувања во судството, седум месеци подоцна ниту едно: судовите работат со 418 од 639 судии

1 мин. читање
Сподели
Мицкоски најави 200 вработувања во судството, седум месеци подоцна ниту едно: судовите работат со 418 од 639 судии

Во март премиерот Христијан Мицкоски најави дека Министерството за финансии одобрило пари за 200 нови вработувања во судовите и го нарече тоа „навистина голем потег“. Седум месеци подоцна бројката на реализирани вработувања е нула. Судскиот совет потврди дека од Министерството за финансии не стигнала поединечна согласност за ниту едно од нив.

Тоа е позадината на острото предупредување што Здружението на судиите го испрати по Годишниот извештај на Судскиот совет за 2025 година: недостигаат судии, недостигаат службеници, буџетот е тесен, а реформите остануваат на хартија. „Правдата не може да биде ефикасна без судии, без професионална судска служба и без соодветни ресурси“, порачуваат судиите.

Бројките од извештајот

Од 639 систематизирани судиски места, на 31 декември 2025 година работеле 418 судии – пополнетост од 65,41 отсто. Советот лани избрал 68 нови судии во основните судови од осмата генерација на Академијата за судии и јавни обвинители и 17 во повисоките судови, 29 судии продолжиле да работат по 64-тата година, шестмина заминале во пензија. Сепак, според самиот Совет, во основните судови итно се потребни уште 163 судии, од кои по 16 фалат во скопскиот Кривичен и во Граѓанскиот суд.

Со администрацијата е уште полошо. Предвидени се 4.751 работно место за судската служба, пополнети се 1.803 – едвај 37,95 отсто. Вкупниот број вработени во судската власт за една година паднал од 2.480 на 2.281. Значи, стигнаа нови судии, но нема кој да им води записник. Во Кривичниот суд во Скопје, од 628 предвидени места пополнети се 208, а за пет години судот останал без 131 службеник. До крајот на годинава ќе се пензионираат уште осуммина.

Министерството за финансии трипати рече не

Судскиот буџетски совет лани трипати го доставил планот за вработување до Министерството за финансии, дури и по директно усогласување со министерот за 239 неопходни места. Трипати добил негативно мислење. Во целата 2025 година во судската власт немало ниту едно ново вработување или унапредување по редовен пат, освен десет преземања на веќе вработени од други институции.

Ни законот за парите не се почитува. Законот за судски буџет бара за судството да се издвојуваат најмалку 0,8 отсто од бруто-домашниот производ. Тоа не се случило ни во 2025 година. Напротив, првично одобрените 2,97 милијарди денари во текот на годината биле скратени за над 32 милиони, а речиси 80 отсто од парите заминале за плати. Самиот Судски совет работи со 27 наместо со 50 административци и нема портпарол – нема пари.

Цената ја плаќаат граѓаните

Судовите во 2025 година имале 674.851 предмет во работа, решиле 540.241, а 134.610 останале нерешени. Вкупниот заостаток е намален за симболични 119 предмети. Од 34 суда, дури 18 се оценети како неажурни, меѓу нив Врховниот суд, Управниот и Вишиот управен суд, апелационите судови во Скопје и Битола и основните судови во Битола, Прилеп, Охрид, Струга и Тетово. Во Вишиот управен суд еден предмет во просек се решава 325 дена, во Управниот 279, а во Основниот граѓански суд Скопје 271 ден. За работен спор, имотно прашање или жалба против државата – речиси цела година чекање.

Оглас за нова генерација слушатели на Академијата за судии и јавни обвинители, според наводите во јавноста, нема веќе трета година, а изговорот е законска измена за бодувањето што никој не ја носи. Недостигот на кадар во правосудството го забележа и Европската комисија во последниот извештај за напредокот.

Власта со години зборува за реформи во судството. Но која реформа може да се спроведе во судство кое има помалку од половина од потребните службеници? И колку пати уште ќе се најави голем потег пред некој да потпише барем едно вработување?