Skip to content

Народниот правобранител нема пари ни за кирија: пополнети само 82 од 183 работни места

1 мин. читање
Сподели
Народниот правобранител нема пари ни за кирија: пополнети само 82 од 183 работни места

Институцијата што треба да ги брани граѓаните од државата нема пари да си ја плати киријата. „Имаме проблеми и со плаќањето на киријата“, изјави народниот правобранител Фатон Сељами во Собранието, на тематската дискусија за измените на Законот за народниот правобранител.

Решение, вели, очекува од претстојниот ребаланс на буџетот или од одлука на Владата. Паралелно, институцијата постојано губи луѓе, а барањата за нови вработувања Министерството за финансии досега ги одбивало.

Бројките од Годишниот извештај за 2025 година покажуваат дека ова не е проблем од вчера. На крајот на годината биле пополнети 82 од 183 работни места предвидени со систематизацијата – помалку од половината. Во текот на 2025 година, по ребаланс и прераспределби, буџетот бил скратен од 95,96 на 92,83 милиони денари. За 2026 година, според објавеното во медиумите, биле побарани околу 2,5 милиони евра, а одобрени околу 1,6 милиони.

А Народниот правобранител не е обична канцеларија. Постапува по претставки за полицијата, затворите, здравството, социјалната заштита, образованието и дискриминацијата – токму таму каде граѓанинот најчесто останува сам пред администрацијата. Кога таа институција штеди на кирија и на луѓе, кој всушност штеди – државата или оние што сакаат помалку контрола?

Предложените законски измени треба да ѝ дадат поголема финансиска, функционална и организациска независност. Ако Министерството за финансии и Народниот правобранител не се согласат за буџетот, конечниот збор би го имало Собранието. Се предвидува и совет за заштита на човековите права со претставници од академската заедница и граѓанскиот сектор. Без тие измени нема ни апликација за статус А – во регионот, според Сељами, само Црна Гора и Македонија се со статус Б, а Црна Гора минатиот месец веќе го донесе новиот закон.

Претставниците на ЕУ, ОБСЕ и Обединетите нации во Собранието повторија колку е важен функционален и независен народен правобранител. Убаво звучи. Но независност што зависи од тоа дали Министерството за финансии ќе ја одобри следната кирија е независност само на хартија.