Skip to content

Скопскиот маратон со рекордни 15.040 учесници – помасовен од Белград, Софија и Загреб

1 мин. читање
Сподели
Скопскиот маратон со рекордни 15.040 учесници – помасовен од Белград, Софија и Загреб

Скопскиот маратон го заокружи своето 22. издание со рекордни 15.040 учесници од 63 земји. Со таа бројка Скопје е пред Белград со 14.000 учесници, Софија со 12.000 и Загреб со 5.100. Во регионот, според споредбените податоци на организаторите, повеќе тркачи има само Љубљанскиот маратон, со 22.500 пријавени.

Патот до тука е долг. Трката беше обновена во 2007 година, на иницијатива на тогашниот евроамбасадор Ерван Фуере и тогашниот градоначалник Трифун Костовски, кога беа пријавени околу 700 учесници. Денес жените сочинуваат 52 отсто од тркачите, иако во подолгите дисциплини доминираат мажите – 72 отсто во маратонот и 60 отсто во полумаратонот.

Зад бројките има и приказни. Маратонката Миљана Ристиќ ја истрча трката на пет километри во деветтиот месец од бременоста и се породила две недели подоцна. Највозрасниот учесник во маратонската трка имал 78 години. За трката се грижеа 620 волонтери, од кои 80 отсто девојки, а освежување имаше на секои 800 метри, наместо на 2,5 километри како на многу други маратони.

Следниот чекор, велат организаторите, е трчањето да остане во градот и по трката – преку локални трки, тренинзи и клубови. За тоа на Скопје ќе му требаат безбедни простори за рекреација во секое маало, не само еден затворен булевар еднаш годишно.