Skip to content

Мече загина на автопатот Скопје-Тетово: оградата е законска обврска, а тимот за спасување постои само во вибер-група

1 мин. читање
Сподели
Мече загина на автопатот Скопје-Тетово: оградата е законска обврска, а тимот за спасување постои само во вибер-група

Петок, околу 22.45 часот, автопатот Скопје-Тетово, два километри по патарината Глумово. Патничко „волво“ со гостиварски таблички, управувано од 36-годишен возач, удира во младо мече тешко 60 до 70 килограми. Животното останува на асфалтот со тешки повреди, но според Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), сè уште давало знаци на живот.

Следува она што во Македонија поминува за систем. Центарот за управување со кризи го известува инспекторатот, инспекторатот ја фрла информацијата во вибер-група на интервентен тим кој официјално сè уште не постои, а на телефон ја бараат директорката на ЗОО Скопје. Ветеринарот на зоолошката, Сашо Панчев, излегува на терен со товарно возило на установата. Кога стигнал, мечето веќе не давало знаци на живот.

Телото доцна во ноќта е пренесено во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, на обдукција. Полицијата направила увид. Сообраќајот бил блокиран додека траела интервенцијата.

Мрежата што ја бара законот

Тука приказната престанува да биде несреќна случајност. Според законската регулатива, автопатот мора да биде обезбеден со заштитна жичена мрежа, токму за да не влегуваат диви и бездомни животни на коловозот. Тоа е обврска на ЈП „Македонијапат“. Па кога мече од 70 килограми ќе излезе на автопат, првото прашање не е за возачот. Првото прашање е: каде беше мрежата и кој последен ја проверил?

Самиот ДИЖС признава дека интервентниот тим за брзи интервенции во вакви случаи не е официјализиран и дека постои „итна потреба“ од негово формирање според Стандардната оперативна процедура. Значи, процедура има, на хартија. Тимот се собира во вибер-група, а на крај на теренот излегува еден посветен ветеринар со камионче на зоолошката.

Ова не е прв предупредувачки знак. На 3 септември годинава, на магистралниот пат Кичево-Охрид, автомобил удри во глутница кучиња, се запали, а возачот изгоре во него. Колку уште животни и луѓе треба да завршат на коловозот за некој во „Македонијапат“ да излезе и да ја измери мрежата метар по метар?

Мечката е заштитен вид со закон. Возачот ќе добие свој епилог, можеби и на суд. Но дали некогаш ќе одговара и оној што требаше автопатот да го огради?