Skip to content

Жителите на Кисела Вода бараат зонско паркирање и нова постојка за линијата 24: општината ветува решенија „во најкус можен рок“

1 мин. читање
Сподели
Жителите на Кисела Вода бараат зонско паркирање и нова постојка за линијата 24: општината ветува решенија „во најкус можен рок“

Жителите на урбаната заедница Кисела Вода седнаа со градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и ѝ предадоа долг список барања. На врвот е паркирањето: бараат воведување зонско паркирање на територијата на заедницата.

Списокот потоа продолжува. Реконструкција на кракот на улицата „14. Декември“ зад пазарчето. Забрзување на ДУП-от за Расадник и на планот за Ј-20/10. Реконструкција на фекалната канализација на „Мери Бошковска“. Реконструкција на два крака од 50 и 100 метри на „Димитар Гешоски“. Пробивање на оградената патека зад спортското игралиште на „Димо Хаџи Димов“.

Дел од барањата не се ни во надлежност на општината. Жителите побараа општината да посредува кај ЈСП, претпријатие под Град Скопје, автобуската постојка на линијата 24 (Тафталиџе – Кисела Вода) да се помести спроти маркетот „Жито“. Побараа и зачестени полициски контроли кај болницата за зависници, за поголема безбедност.

Од општината велат дека стручните служби „детално ги нотирале“ барањата, за да бидат анализирани и „во најкус можен рок спроведени во конкретни решенија“. Граѓаните, според соопштението, се заблагодариле за обновената урбана опрема во паркот „Македонија“, за игралиштето на „Димо Хаџи Димов“ и за навременото косење.

Ќе ја запамтиме формулацијата „во најкус можен рок“. Зонското паркирање и ДУП-от за Расадник не се решаваат со косилка – и токму по нив ќе се види дали теренската средба била почеток на работа или само уште една фотографија за Фејсбук.