Skip to content

Брисел им порачува на граѓаните да чуваат залихи на храна и вода за 72 часа – и уверува дека нема непосредна опасност

1 мин. читање
Сподели
Брисел им порачува на граѓаните да чуваат залихи на храна и вода за 72 часа – и уверува дека нема непосредна опасност

Европската комисија ги повика граѓаните да подготват залихи на храна, вода и основни потрепштини за најмалку 72 часа. Плус спакуван ранец или торба за итни случаи, со најнеопходното за брза евакуација. Во исто време, Комисијата изрично нагласува дека препораките не се поврзани со непосредна опасност.

Мерката не е паника од вчера. Таа е дел од Стратегијата за Унија на подготвеност, претставена уште во март 2025 година, со 30 мерки: насоки за домашни залихи, заштита на критичната инфраструктура, подобри системи за рано предупредување, заеднички кризни вежби и подобра координација меѓу цивилните и воените служби. Сега дојдоа конкретните упатства. Меѓу нив и предлогот за Европски ден на подготвеност – идеја што повеќе личи на бриселска бирократска досетка отколку на сериозна мерка.

Зошто токму 72 часа? Затоа што тоа е меѓународно прифатен минимален стандард, изграден врз искуствата од поранешни катастрофи: толку време им треба на итните служби да ја организираат помошта на терен. А зошто сега? Тука одговорот е подолг.

Од Лајпциг до Калининград

Европа живее во сериозно нарушена безбедносна средина – пред сè поради руската инвазија на Украина и хибридните закани. Во август, во германскиот Лајпциг имало обид за напад со дрон со експлозив врз украински транспортен авион, за што германската влада ја обвини Русија. Советот на ЕУ во март 2026 ги осуди долготрајните и координирани руски хибридни операции. Истражување на европските јавни медиуми уште во март 2025 идентификувало повеќе од 60 потврдени или сомнителни случаи на руско хибридно дејствување, меѓу нив и запаливи пакети што во 2024 предизвикале пожари во логистичките системи на Германија, Полска и Велика Британија. Крајот на септември донесе и нуклеарна закана: Москва му порача на НАТО дека може да посегне по нуклеарно оружје ако се обиде да го изолира Калининград.

Урсула фон дер Лајен уште во октомври 2025 предупреди дека Европа е изложена на хибридна војна, откако руски дронови и воени авиони го повредија полскиот и естонскиот воздушен простор. Во септември годинава отиде чекор подалеку: „Хибридните закани со кои се соочува Европа се сè помалку хибридни и сè помалку само закани.“

Довербата во американскиот чадор е напукната. Трамп повеќе пати порача дека САД нема нужно да ги бранат сојузниците што не издвојуваат доволно за одбрана, а во март 2026 повторно ги доведе во прашање американските обврски кон НАТО. Кон тоа одат и сајбер-нападите – според европската агенција за сајбер-безбедност, јавната администрација е најчесто напаѓаниот сектор, со 32 проценти од инцидентите – и природата: од 1980 до 2024 година природните катастрофи предизвикале 822 милијарди евра економска штета во ЕУ. Блекаутот во Шпанија и Португалија во април 2025, кога милиони луѓе останаа без струја поради низа технички проблеми, покажа дека за хаос не е потребна ниту војна.

Еврокомесарката за подготвеност и управување со кризи, Хаџа Лабиб, даде пример поконкретен од секоја стратегија: сајбер-напад врз супермаркетите може да го прекине снабдувањето со основни производи. „Замислете ситуација во која не можете да одите во супермаркет или, можеби, да преварите вода“, рече таа.

На Балканот, каде генерации ги паметат војните и санкциите од деведесеттите, списокот „вода, конзерви, батерии, радио“ не звучи како научна фантастика. Звучи како нечие детство. Брисел барем има стратегија, 30 мерки и упатство што секое домаќинство може да го прочита. Дали некоја институција во Македонија воопшто има објавено вакво упатство за граѓаните – и дали некој би знаел каде да го најде?