Skip to content

Трамп го изгуби Конгресот, а се фали со ветото: „Имам ултимативна моќ“

1 мин. читање
Сподели
Трамп го изгуби Конгресот, а се фали со ветото: „Имам ултимативна моќ“

Американскиот претседател Доналд Трамп го изгуби Конгресот, но не и самодовербата. Додека пристигнуваа вестите за поразите на републиканските кандидати, тој се огласи на својата мрежа Truth Social со реченица што ќе остане запаметена: „Не бев на гласачкото ливче, а да бев, ќе победевме УБЕДЛИВО!“

Иронијата е во тоа што токму тој во кампањата ги повикуваше гласачите да се „преправаат“ дека и неговото име е на ливчето. Понекогаш дури велеше дека и самиот, на некој начин, е кандидат. Кога резултатите стигнаа, одеднаш не беше.

„Господинот Вето“

Уште пред да се затворат избирачките места, Трамп имаше подготвен одговор за можната демократска победа. „Имам ултимативна моќ. Се вика вето“, изјави тој во телефонско интервју за американски медиум, на прашањето како би соработувал со Конгрес под контрола на демократите. Не му пречи ни прекарот „господинот Вето“.

Неговата сметка е јасна: неколку месеци ќе става вето на демократските закони, а потоа, како што рече, „тие ќе дојдат и ќе кажат: мора да постигнеме договор“. Се повика и на пресудата на Врховниот суд во случајот „Трамп против Слотер“, со која порано годинава, со шест гласа против три, му беше дозволено да ја смени Ребека Слотер од Сојузната трговска комисија. Според неговото толкување, таа одлука му дава „огромни овластувања какви што претседател никогаш немал“ врз бројни сојузни агенции, без оглед на тоа која партија го контролира Конгресот.

Двајца луѓе блиски до Трамп открија дека во Белата куќа во последните недели се разговарало за нови извршни мерки, особено за имиграцијата и трговијата. Главни улоги во тие разговори имале Стивен Милер и Расел Вот. Еден од луѓето блиски до претседателот отворено порача дека Трамп, „иако демократите можеби ќе ја освојат власта“, ќе ги задржи „овластувањата да прави речиси сè што сака“.

Од ветото до „соработка“

По поразот, тонот малку омекна. „Ќе соработуваме со демократите“, рече Трамп во разговор пренесуван во живо, без да ја доведе во прашање легитимноста на резултатите. На прашањето како демократскиот Конгрес ќе влијае врз неговиот мандат, одговори: „Ќе ви кажам за една година.“ Ветото, се разбира, остана на маса: „Ќе имам моќно вето и, ако сметам дека е исправно, едноставно ќе го искористиме.“

На прашањето за нови американски напади врз Иран беше краток: „Ќе го разгледаме тоа.“ А за претседателот на Претставничкиот дом, Мајк Џонсон, кој сега се соочува со прашањето дали ќе ги води републиканците понатаму, Трамп не даде јасна поддршка. „Мислам дека работеше добро, но тие ќе мора да ја донесат таа одлука.“

Неколку часа пред да стигнат првите резултати, претседателот најде време да ја прогласи неделата од 1 до 7 ноември за „Недела на антикомунизмот“ и да ја навреди водителката на Fox News, Џесика Тарлов: „Глупава е како столб, но гласот ме излудува.“ Трамп со години своите политички противници ги нарекува социјалисти и комунисти – реторика што на претходните избори му донесе дел од латиноамериканските гласачи на Флорида.

Лидер што поразот го објаснува со тоа што не бил на ливчето, а одговорот го бара во ветото и во судот. Колку пати сме ја гледале оваа сцена и поблиску до дома?