Skip to content

Над половина од пријавениот ДДВ не стигна во рок, а за 72.037 вработени не се платени придонесите за септември

1 мин. читање
Сподели
Над половина од пријавениот ДДВ не стигна во рок, а за 72.037 вработени не се платени придонесите за септември

Управата за јавни приходи објави бројки што ретко кој ги чита, а би требало. За октомври 21.061 даночен обврзник пријавил ДДВ во вкупен износ од 5,578 милијарди денари. Во законскиот рок биле уплатени 2,542 милијарди, или 45,6 отсто. Останатите 3,036 милијарди денари, приближно 49 милиони евра, не стигнале до буџетот кога требало.

Да се нагласи: ова не е долг што УЈП го открила со контрола. Ова е ДДВ што фирмите сами го пријавиле, па не го платиле. Обврската во рок ја исполниле 12.676 обврзници, односно 60,2 отсто, а 8.385 не. Рокот истекол на 26 октомври, бидејќи 25-ти паднал во недела. Пријавите, пак, ги поднеле речиси сите: 98,5 отсто од месечните и 97 отсто од тримесечните обврзници. Пријавуваат уредно, плаќаат кога ќе стигнат.

Платите и придонесите

Посериозната бројка е кај работниците. За септември обврска за исплата на бруто-плата имале 74.782 работодавачи за 553.040 вработени. До рокот, 15 октомври, ја исполниле 49.439 работодавачи, односно 66,11 отсто. 25.343 работодавачи доцнеле. Придонесите се платени за 481.003 вработени, а за 72.037 не биле платени во рок.

Податоците покажуваат состојба на денот на рокот, не колку од тоа е платено подоцна. Но за работник што чека плата, разликата помеѓу „доцна“ и „не платено“ е мала утеха. Придонесите се неговиот пензиски стаж и неговото здравствено осигурување, и тие не се прашање на добра волја на газдата.

УЈП вели дека на доцнењата прво им праќа персонализирани известувања со повик за доброволно плаќање, потоа опомени, па присилна наплата и блокада на сметка. Убаво подредено. Но ако секој трет работодавач го пробива рокот, а речиси половината ДДВ стигнува доцна, колку навистина плаши тој редослед?