Skip to content

Скопје ветува камери на 30 локации до Нова година, а камерите на „Орце Николов“, монтирани пред пет години, не работат

1 мин. читање
Сподели
Скопје ветува камери на 30 локации до Нова година, а камерите на „Орце Николов“, монтирани пред пет години, не работат

Град Скопје најавува видеонадзор на 30 критични локации – места каде никнуваат диви депонии и паркови каде се крши урбаната опрема. Камерите ќе снимаат 24 часа, во посебен контролен центар во зградата на Градот ќе работат пет лица во три смени, а снимките ќе се чуваат најмногу 30 дена. Целиот систем, според Градот, треба да профункционира најдоцна до Нова година.

Има само еден ситен детал: камерите сè уште не се купени. Јавната набавка за нив, како и за целиот систем за следење, допрва треба да биде распишана. До Нова година остануваат нешто повеќе од три месеци – за тендер, испорака, монтажа и обука.

Скопје со камери што не снимаат

Искуството не охрабрува. Општина Центар уште во пролетта 2024 година донесе одлука за видеонадзор на јавните површини, со мониторинг-центар и снимки што требаше да служат како доказ за МВР. Повеќе од две години подоцна – ништо. Камерите на улицата „Орце Николов“ монтирани се пред пет години и не работат. Од Општината на прашањата зошто одлуката не се спроведува – молк.

Бутел пред неколку месеци најави дека почнал да поставува камери. Дали се поставени, колку ги има и дали снимаат, од општината не одговорија. Аеродром ја почна постапката по уништувањето на едно детско игралиште, но системот ќе почне да работи дури по согласност од Агенцијата за заштита на личните податоци, а колку ќе чини – не кажуваат. Карпош, пак, обучил четворица општински службеници да управуваат со дронови за инспекциски надзор.

Градот најавува координација со општините за локациите да бидат „соодветно интегрирани“. Звучи добро. Но пред интеграцијата, корисно би било барем една од најавените камери навистина да почне да снима. Вандалите не се плашат од одлуки на совет – се плашат од снимка што завршува кај некој што ќе реагира.