Skip to content

Втор „Лидл“ во Битола: свечен камен-темелник, а ниту збор колку работни места и колку пари

1 мин. читање
Сподели
Втор „Лидл“ во Битола: свечен камен-темелник, а ниту збор колку работни места и колку пари

Битола доби уште една лопата забиена во земја. Германскиот малопродажен синџир „Лидл“ постави камен-темелник за својот втор маркет во градот, во Нова Битола, додека првиот е во финална фаза на изградба. Градоначалникот Тони Коњановски и директорката за недвижности на компанијата, Катарина Зориќ, го означија почетокот на градбата пред камерите.

Бројките што се објавија се градежни. Објект на простор од 5.288 квадратни метри, продажна сала од 1.546 квадратни метри, 108 паркинг места, над 20 отсто од парцелата зеленило и нова пристапна улица. „Лидл“, како дел од „Шварц груп“, има околу 12.900 маркети во 31 држава и над 395.000 вработени.

Колку работни места?

Тука говорите стануваат магливи. Коњановски зборуваше за „додадена вредност за битолската економија“, „нови работни места“ и „партнерства со домашните компании“. Зориќ рече дека компанијата отвора „нови работни места за македонските граѓани“ и е „мост до европските пазари“ за домашните фирми. Ниту во едното ниту во другото обраќање не се слушна колку луѓе ќе работат во новиот маркет, колку чини инвестицијата, ниту кои домашни компании веќе стануваат добавувачи.

Не е ова обвинение кон „Лидл“ – една компанија не е должна да ги кажува сите бројки на свечен настан. Но од градоначалникот тоа може да се очекува. Кога општината ја продава инвестицијата како развоен пресврт, граѓаните имаат право да знаат што точно добиваат, освен паркинг со 108 места. Коњановски, меѓу другото, се заблагодари што компанијата претходно донирала спортско игралиште.

Два маркета од ист синџир во еден град се јасен сигнал дека Битола е пазар што вреди. Останува прашањето дали Битола знае колку вреди – и дали некој во општината го поставил тоа прашање на масата, пред да се фотографира со лопатата.