Skip to content

SAP вложи милијарда евра во германски AI стартап стар 18 месеци: Prior Labs влегува под крилото на ентерпрајз гигантот

1 мин. читање
Сподели

Германскиот SAP ќе купи млад берлински стартап за вештачка интелигенција наречен Prior Labs и ќе вложи една милијарда евра (1,16 милијарди долари) во истата компанија во наредните четири години. Цената на самото купување не е објавена, но извори тврдат дека станува збор за претежно готовинска зделка во која основачите добиваат повеќе од половина милијарда долари однапред.

Prior Labs е стара само 18 месеци. Основана е од Frank Hutter, Noah Hollmann и Sauraj Gambhir, и работи на нешто што во индустријата се вика табеларни фундаментални модели – вештачка интелигенција наменета за структурирани податоци во табели и бази, не за јазик. Нивниот open source модел TabPFN е симнат повеќе од три милиони пати.

За SAP оваа зделка е одговор на нешто очигледно – големите јазични модели како што се ChatGPT и Claude не се таму каде што живеат претпријатијата. Деловниот свет е изграден на бази на податоци, ERP системи и табели. „Раното препознавање на SAP беше дека најголемата неискористена шанса во ентерпрајз AI не беше во големи јазични модели; беше во AI изграден за структурираните податоци кои ги движат бизнисите низ светот”, изјави главниот технолошки директор на SAP, Philipp Herzig.

Prior Labs ќе работи како независна единица во SAP, но нивната технологија ќе биде интегрирана низ Joule Agents, SAP AI Core и SAP Business Data Cloud. Open source верзиите на моделите остануваат отворени – барем така е најавено.

Истовремено, SAP затегна врата за конкуренцијата. Само одобрени AI агенти – Joule Agents на SAP и NemoClaw на Nvidia – ќе имаат пристап до системите. OpenClaw и други непосакувани агенти се блокирани. Тоа е класичен потег на големиот играч кој наеднаш одлучи дека неговата платформа е и стандард.

За германскиот основач Hutter, ова е нешто што ретко се случува во европскиот AI пејзаж. „Масивен поттик” што ќе му овозможи на Prior Labs да стане „новата глобално водечка фронтер AI лабораторија за структурирани податоци – во Европа, отворено”, изјави тој. Дали една милијарда евра е доволна за тоа е друго прашање – но барем парите доаѓаат од европска компанија, не од Силикон Вали.