Skip to content

Наде Проева посмртно одликувана: историчарката што го бранеше методот наспроти пропагандата

1 мин. читање
Сподели
Наде Проева посмртно одликувана: историчарката што го бранеше методот наспроти пропагандата

Историчарката и археолог проф. д-р Наде Проева, една од најзначајните истражувачки на античка Македонија, беше посмртно одликувана со Орденот „8 Септември”. Признанието ѝ го додели претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свечена церемонија во Вила Водно.

Проева (1949-2024) беше редовна професорка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, со докторат по историја и научен опус што опфаќа епиграфика, нумизматика и религија на антиката. Учествуваше во археолошки истражувања во Македонија, Србија, Полска и Грција, и беше меѓународно признаена за својата работа.

Признанието е за „посебниот придонес во афирмацијата на македонската историографија како еминентен и меѓународно признат историчар, професор и автор”, се наведе на церемонијата. Претседателката потсети на нејзината мисла дека знаењето „не произлегува од убедување, туку од истражување; не се темели на претпоставки, туку на релевантни извори”.

Во време кога историјата на овие простори постојано се користи како политичко оружие, фигура како Проева потсетува на разликата меѓу наука и пропаганда. Таа го бранеше методот – изворите, доказите, проверката – наместо удобните приказни. Орденот доаѓа посмртно, како што честопати бидува со луѓето што заслужуваат повеќе додека се живи.