Skip to content

Реновиран парк, стар измет: Четкар бара камери за Холандскиот парк во Охрид

1 мин. читање
Сподели
Реновиран парк, стар измет: Четкар бара камери за Холандскиот парк во Охрид

Охридскиот музичар Владимир Четкар објави видео од реновираниот Холандски парк во Охрид – простор што неодамна доби нови реквизити за игра, клупи, дрвени лежалки и корпи за отпадоци, а сега, како што покажува снимката, и редовни купишта нечистотија и вандализам.

Со неговиот препознатлив сарказам, Четкар се обрати до надлежните: „Господин ‘Какач’ се врати тука во Холандскиот парк и го направи своето ремек-дело.” Покрај „аромтерапијата” и мувите, како што иронично опишува, тој повика да се постават камери за да се идентификуваат и документираат оние што го загадуваат паркот.

Паркот е едно од местата каде секојдневно се одмораат деца, млади и туристи. Парите за реновирање се потрошени, новиот изглед е тука – а сепак, за неколку недели, дел од него е претворен во јавен тоалет и место за кршење.

Има нешто болно познато во оваа слика, и не е само охридска. Инвестираме во јавен простор, се сликаме на отворањето, а потоа истиот тој простор го уништуваме самите. Камерите што ги бара Четкар можеби ќе фатат некого – но вистинското прашање е друго: зошто за да чуваме нешто наше, секогаш ни треба некој да нè гледа? Културата на јавниот простор не се гради со камери, туку со срам што, изгледа, кај дел од нас веќе го нема.