Skip to content

Украински дронови палат руски рафинерии: над 20 региони во Русија веќе рационираат гориво

1 мин. читање
Сподели
Украински дронови палат руски рафинерии: над 20 региони во Русија веќе рационираат гориво

Украина ја пренесува војната длабоко во руска територија, и тоа таму каде што најмногу боли – во нафтената индустрија. Украински дронови ноќеска гаѓале повеќе руски рафинерии, а социјалните мрежи се полни со снимки од високи пламени и густ чад над резервоарите.

Меѓу удрените е рафинеријата во Славјанск во Краснодарскиот крај, клучна точка за снабдување со гориво на окупираниот Крим. Под напад се нашла и рафинеријата во Јарославл, околу 250 километри североисточно од Москва, што го потврди и локалниот гувернер. Руските власти, како по обичај, штетата ја припишуваат на „паднати отпадоци” – формулација што се повторува толку често што веќе никого не убедува.

Ударите доаѓаат среде сè поголема криза со гориво во самата Русија. Повеќе од 20 региони веќе вовеле ограничувања на продажбата, а граѓаните пријавуваат повеќечасовни редици пред пумпите. Не е изолиран удар, туку дел од систематска кампања: на 19 јуни беше затворена Московската рафинерија што покрива 40 проценти од тамошниот пазар, на 25 јуни беа погодени две рафинерии во Башкортостан, а кон крајот на месецот застана и една од четирите најголеми во земјата.

Киев официјално молчи за нападите, како и обично. Но пораката е јасна: војната одамна не е само на фронтот: таа е и во редицата пред бензинската пумпа, во цената на горивото, во секојдневието на обичниот човек далеку од линијата на огнот. Тоа е лекција што Балканот ја научил одамна – војната најмногу ги мачи токму оние што никогаш не ја сакале.