Skip to content

НАТО го предупреди Зеленски најсериозно досега: помири се со Трамп или ризикуваш понижувачки мир

1 мин. читање
Сподели
НАТО го предупреди Зеленски најсериозно досега: помири се со Трамп или ризикуваш понижувачки мир

Отворената кавга меѓу Доналд Трамп и Володимир Зеленски престана да биде дипломатска драма за насловните страници. Сега се мери во ракети. Според информациите што излегоа во јавноста, САД го ограничија пристапот на Украина до сателитската технологија Starshield на SpaceX и ги задржаа испораките на клучните ракети за системите за противвоздушна одбрана Patriot – токму оние со кои Киев ги брани градовите од руските балистички удари.

Затоа НАТО упати најсериозно предупредување досега – не до Москва, туку до Киев. Од Зеленски е побарано итно да ги смири страстите и да го ублажи конфликтот со Вашингтон. Во спротивно, со оглед на непредвидливоста на Трамп, под знак прашалник би можеле да дојдат дури и испораките на американско оружје што европските земји самите ги плаќаат преку програмата PURL. Во Алијансата расте стравот дека односот меѓу двајцата претседатели е неповратно уништен и дека Украина би можела да биде принудена на болен и понижувачки мировен договор со Москва.

Бројките се сурови. Според Зеленски, Украина моментално добива само 12 ракети за Patriot месечно – една четвртина од она што го праќаше администрацијата на Џо Бајден. И уште нешто: Бајден ги праќаше бесплатно, како воена помош, а Трамп ги наплаќа скапо и доцни дури и со оние што Киев веќе ги платил. „Пред нас е долга, мрачна и студена зима“, предупредува Џастин Логан од вашингтонскиот институт Като. „Наскоро е ноември, нивните залихи на ракети пресретнувачи паднаа речиси на нула, а Европејците многу малку можат да ги надополнат, бидејќи и нивните складишта се празни.“

А Трамп? „Русија, искрено кажано, е сосема во ред кон Украина. Не правеа којзнае што“, им рече тој на новинарите пред патувањето во Канзас. Тоа го кажа на денот кога руски дрон удри во парк во Харковската област насред бел ден и уби шест луѓе, меѓу кои и две деца. Меѓу загинатите се едногодишната Ангелина и нејзината мајка Ина. Ноќта пред тоа Русија го нападна Киев со повеќе од десетина балистички проектили и гаѓаше речиси 30 клучни енергетски објекти низ земјата.

Искрата за најновата кавга беше одлуката на Трамп еднострано да дозволи увоз на руски дизел и да го замрзне новиот пакет санкции против рускиот енергетски сектор што го изгласа Конгресот – потези што директно ја полнат воената каса на Москва. Белата куќа, пак, најмногу ја нервираат успешните украински напади со дронови врз руските рафинерии. Пред изборите за Конгресот на 3 ноември, администрацијата бара кој да го обвини за високите цени на горивото – и наместо кон војната што САД ја започнаа во Иран, прстот го покажува кон Киев.

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обидува да ги смири тензиите. Американскиот државен секретар Марко Рубио, на прашањето дали односите се неповратно уништени, не одговори директно, туку рече дека Трамп е подготвен да направи сè за да заврши војната, „дури и ако тоа значи дека мора да ги турне двете страни да седнат на маса“. Германскиот канцелар Фридрих Мерц предупреди дека целта на Путин не е само воениот пораз на Украина, туку и поткопување на демократијата на европско тло.

Чудна е логиката на ова предупредување. Нападнатиот добива совет да биде помирлив, а напаѓачот добива дизел без санкции. Балканот добро го памети моментот кога големите сили ќе одлучат дека брзиот мир е поважен од праведниот. Дали Украина ќе има друг избор освен да молчи и да чека испорака?