Skip to content

Трагедијата во Пулс: ‘Сите знаеле, никој не спречил’

0 мин. читање
Сподели

Во судницата во Идризово денеска се одржа првото рочиште за трагедијата што се случи во кочанската дискотека „Пулс“. Обвинителот Борче Јанев во воведниот збор истакна дека Обвинителството бара правда и дека пропустите што довеле до катастрофата се правеле со години. Тој нагласи дека трагедијата не била последица само на активацијата на пиротехничкиот ефект во кобната ноќ на 16 март 2025 година, туку кулминација на долготрајно, институционално занемарување. Според Јанев, видеата што ја потресоа јавноста биле само финален чин на едно невидливо, но присутно зло кое со години тлеело под површината.

„Во Кочани не изгоре само објектот ‘Пулс’“, рече обвинителот. „Изгоре и илузијата дека институциите ќе нè заштитат кога најмногу треба, изгоре и вербата дека одговорните ќе реагираат навреме, изгоре и иднината на невини млади луѓе кои таа вечер сакале само радост и забава.“ Тој нагласи дека последиците не се само материјални – чељадите животи што згаснаа и повредените што останаа со тешки последици не страдале само од огнот, туку и од „вителот на долготрајна институционална неодговорност“.

Јанев истакна дека Обвинителството не отстапува од моралната и професионалната обврска вистината да се погледне во очи, колку и да е болна. Додаде дека како општество нема да можеме да заздравиме ако се премолчи вистината и ако не се согледаат целосните димензии на трагедијата. Според него, Кочани денес повикува на одговори: кој дозволил објектот да работи иако никогаш немал намена за угостителска дејност, кој дозволил да се примаат гости без да се обезбедат излези, кој проценувал ризици но дозволил профитот да преовладее, кој избрал молк наместо санкција и кој не ја согледал очигледната опасност што со години демнела во објектот.

Обвинителот тврдеше дека настанот не бил резултат на непредвидени околности, ниту трагична игра на судбината, туку низа од поврзани пропусти, свесни замижувања и незаконски компромиси. „Подобро да се спречи отколку да се лечи“, потсети Јанев, но додаде дека во овој случај последиците се неизлечиви затоа што никој никогаш не се ни обидел да ги спречи. Оттаму, смета дека државата мора да гони и санкционира кога превенцијата ќе затаи.

Јанев потенцираше дека злоделото не се сведува само на пиротехниката што ја активирал обвинетиот Дејан Јованов, туку и на самото постоење на објект кој, според него, со години бил „безбедносна смртоносна стапица“. Објект кој бил буре барут подготвено да се запали при најмал повод. Обвинителот рече дека доказите ќе покажат како Јованов постапувал без институционални стеги, како безбедносните правила не го интересирале, и како бил спремен да прекрши сè за профит. Неговите постапки, според обвинителот, потсетуваат на „негативни ликови од Гогољ, Достоевски и Орвел“.

Но Јанев истакна дека обвинетиот не успеал сам да го преврти системот — туку дека токму системот му овозможил несметано да функционира. Инспекциските служби, кои требало да делуваат превентивно, не делувале. Наместо да забранат кога виделе опасност и да затворат кога постоел ризик, тие молчеле. „Овој човек вегетирал со години, ги заобиколувал и одстранувал сите институционални препреки, а таму каде што не можел да го изигра законот — не се ни појавувал, затоа што никој не му барал одговорност“, рече Јанев, опишувајќи ја поддршката што ја имал, од кумот, братот, па дури и сопственото дете.

Обвинителот ја истакна народната мудрост: „Не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал кофа вода и не ја истурил.“ Според него, во овој случај многумина имале вода во рацете, но одлучиле да не делуваат. Во институциите, од Општина Кочани до Министерството за економија, Дирекцијата за заштита и спасување и МВР, се воочува образец на игнорирање на ризиците. Дејствијата на обвинетите се протегаат низ долг временски период — „ужасно и поразително долг“, како што нагласи обвинителот — и ги откриваат корените на трагедијата кои се враќаат назад до 2012 година.

Токму тогаш, според обвинителството, Дејан Јованов првпат се обидел да го претвори објектот, кој бил магацин за текстил, во дискотека. Со помош на ангажираната архитектка Милка Едровска создал лажна слика дека објектот ги исполнува безбедносните стандарди. Тогаш, за прв и последен пат, институциите реагирале во согласност со законот: Општина Кочани, Пазарниот инспекторат и Министерството за економија го одбиле барањето за лиценца. Но, две недели подоцна, Јованов успеал да го заобиколи системот — со пренасочување на надзорот кон инспектор кој свесно составил лажен записник. Министерот Сараќини, според обвинителството, ја потпишал лиценцата уште истиот ден.

Оттаму па натаму, дискотеката работела непречено цели 13 години, без контрола, без почитување на ДУП, без надзор од Општината, без реакции од Дирекцијата за заштита и спасување која, иронично, во Кочани немала инспектор цели 13 години. Според обвинителот, сите институции ја префрлале одговорноста една на друга, чекајќи граѓаните да пријават незаконитости, наместо самите да делуваат по службена должност. Така, превентивниот механизам, кој требало да ја заштити јавноста, практично исчезнал.

Доказите, според Јанев, ќе покажат дека ова не е изолиран пропуст на неколкумина, туку системски колапс. Тој ја нарече состојбата „административен декор без суштина“ и потенцираше дека сите лиценци биле издадени без исполнување на основните услови. Затоа, почетната точка на оваа трагедија, според обвинителството, е 2012 година — кога започнал вителот на непостапување што траел до фаталната вечер.