Skip to content

Шест компании за дата-центри, гасни централи што не постојат и гаранција за водата дадена со еден збор

1 мин. читање
Сподели
Шест компании за дата-центри, гасни централи што не постојат и гаранција за водата дадена со еден збор

Премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон соопшти дека Владата разговара со шест компании за дата-центри во Македонија. Покрај „Рамбл“ на Крис Павловски, уште пет. Со американската Корпорација за меѓународно финансиско развивање, ДФЦ, се разговарало за можно финансирање на Чебрен и Галиште, како и за други енергетски, инфраструктурни и технолошки инвестиции.

„Апсолутно во Македонија и во оваа Влада, Соединетите Американски Држави и актуелната администрација на претседателот Трамп гледаат како на близок пријател, не само во регионот туку и во Европа“, вели Мицкоски. Според него, Македонија е врвен приоритет на САД во регионот и од стратешкото партнерство во годините што следат ќе произлезат капитални проекти од историско значење.

Гасот, струјата, дата-центрите, вештачката интелигенција

Планот е Македонија преку новата гасна инфраструктура да стане транзитна врска меѓу ЛНГ-терминалот во Александруполи и Централна Европа. Мицкоски очекува со завршувањето на јужниот и северниот интерконектор до крајот на 2028 година земјата да добие значително поголем капацитет.

„Ќе имаме 12 пати зголемен капацитет за инвестиции, за гасни централи кои би произведувале електрична енергија, која потоа би се користела во некои податочни дата-центри, а од нив би црпеле можности за вештачка интелигенција“, објаснува премиерот.

Тоа е синџирот како што е поставен: гасовод, гасни централи, дата-центри, вештачка интелигенција. Во него ги вбројува и Коридорите 8 и 10-д, железничките врски и високонапонските далноводи.

Прашањето за водата и одговорот со еден збор

На директното прашање дали Владата може да гарантира дека ќе се користат технологии со мала потрошувачка на вода, Мицкоски одговори потврдно – „Апсолутно“. Според него, центрите треба да користат современи системи за ладење, воздушно и фреонско.

Тоа е местото каде што одговорот е пократок од прашањето. Гаранција дека шест уште непотпишани инвеститори ќе градат со затворени системи за ладење не е нешто што премиер може да го даде на прес-конференција – тоа се впишува во договор, во дозвола, во услов за приклучок на мрежа. Кога такви услови ќе бидат објавени, гаранцијата ќе има тежина. Дотогаш е изјава.

Истото важи и за струјата. Дата-центрите трошат многу, а гасните централи што треба да ги напојуваат сè уште не постојат. Синџирот функционира само ако секоја алка пристигне пред следната – а редоследот на најавите оди обратно.

Бугарија: нема ништо брзоплето

Во истото интервју Мицкоски зборува и за односите со Бугарија. Вели дека прашањето неизбежно се отвора во разговорите со европските партнери, но дека Владата нема намера брзоплето да се повлекува од меѓународни договори.

Најавува и дека разговорите за акцискиот план за малцинства би требало да се водат со присуство на претставник на меѓународната заедница, посочувајќи ја Европската Унија како можна трета страна. Тоа е нов елемент – барање билатерална тема да добие сведок од Брисел.