Skip to content

Брвеница му припадна на кандидатот на ДУИ со 265 гласа разлика: Мицкоски вели „сами против сите“, а ВМРО-ДПМНЕ во „сите“ го брои и коалицискиот партнер

1 мин. читање
Сподели
Брвеница му припадна на кандидатот на ДУИ со 265 гласа разлика: Мицкоски вели „сами против сите“, а ВМРО-ДПМНЕ во „сите“ го брои и коалицискиот партнер

Според конечните бројки на Државната изборна комисија, Аркин Јахији, кандидатот на Националната алијанса за интеграција предводена од ДУИ, освои 4.442 гласа, а Стојанчо Радичевски од ВМРО-ДПМНЕ 4.177. Разликата е 265 гласа. Реакцијата на премиерот и лидер на партијата, Христијан Мицкоски, почна со три збора: „Сами против сите“.

„Ние со изборна програма и концепт, тие со поддршката на демографијата, националната карта и по некој тројанец за одвлекување на гласови“, напиша Мицкоски. Кој е тројанецот, тој не кажа. Тоа го направи портпаролот Валентин Манасиевски: „Жалиме што Вреди во Брвеница ја пропушти можноста да биде поразлична партија од ДУИ, исто како што се покажа и дека кандидатите на СДС и Левица беа тројански коњ во корист на ДУИ“.

Вреди, да потсетиме, е партнерот со кој ВМРО-ДПМНЕ ја дели власта. Кога во твоето „сите“ е и твојот коалициски партнер, прашањето повеќе не е зошто се изгубени 265 гласа, туку каква е таа коалиција.

Генералниот секретар Драган Ковачки понуди друго објаснување: „Успеаја да донесат многу луѓе од надвор кои не живеат тука“. Бројка, список или пријава до надлежните во таа изјава нема. Запишаниот во избирачкиот список има право на глас. Ако зад реченицата стои нешто повеќе, власта знае каде се поднесува пријава.

Растот што не донесе градоначалник

Мицкоски брои раст: од 3.000 на 4.200 гласа во однос на првиот круг и 1.300 повеќе отколку на парламентарните избори. „За жал недоволно за целосна победа“, признава тој. Манасиевски оди подалеку: „За нас резултатот е повеќе од одличен“. Партијата ја изгуби општината, а портпаролот го слави резултатот.

На крајот дојде и ветувањето. „Сите жители на Брвеница ќе ја имаат поддршката од Владата“, напиша Мицкоски, а Манасиевски додаде дека Брвеница нема да биде заборавена. Добро што е кажано. Но ако владината поддршка навистина не зависи од тоа за кого си гласал, зошто треба да се најавува како порака вечерта на поразот? Тестот е едноставен: дали реченицата за поддршката ќе важи и кога ќе се дели буџетот.