Skip to content

Филипче бара оставка од Славески и истрага за Алта банка: Мицкоски два дена пред одземањето на дозволата во Белград велеше „не знам дали е сè во ред“

1 мин. читање
Сподели
Филипче бара оставка од Славески и истрага за Алта банка: Мицкоски два дена пред одземањето на дозволата во Белград велеше „не знам дали е сè во ред“

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференција побара оставка од гувернерот Трајко Славески и истрага на Обвинителството за тоа како Алта банка влезе на македонскиот пазар. Поводот е одлуката на Народната банка на Србија да ѝ ја одземе дозволата за работа на Алта банка од Белград, сопственикот на банката во Битола.

Филипче ја отвори темата што најмногу ги засега луѓето: „Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на нашите граѓани. Се поставува прашањето дали се загрозени депозитите на јавните претпријатија.“ Тврди и дека граѓани веќе се собираат пред експозитури на банката во дел од градовите. Колку пари на јавните претпријатија стојат таму, во извештаите од прес-конференцијата бројка нема.

Најсилните зборови ги остави за крупната политика. „Во Србија тргна армагедонот. Се распаѓа балканскиот картел. Се распаѓа балканската мафија. Тргна од Орбан, Вучиќ падна, следен е Христијан Мицкоски“, рече Филипче. Обвинувањата дека банката е поврзана со пари од криминал, корупција и шверц на дрога ги изнесе повикувајќи се на медиумски информации и на политички контакти во Србија. Тоа се тешки тврдења, а политичките контакти не се доказ. Ако СДСМ има документи, сега е моментот да ги покаже.

Премиерот, пак, има своја реченица со која ќе живее. Во телевизиско интервју емитувано на 29 октомври, два дена пред одземањето на дозволата, Христијан Мицкоски беше прашан за дилемите околу банката. „Не знам дали е сè во ред, но за да дојде во Македонија банка, има таков клиринг-процес во рамките на Народната банка“, рече тој, додавајќи дека капитал не може да влезе без да помине низ регулаторот. Обвинувањата на опозицијата за ширење на „српскиот свет“ низ банкарството ги отфрли како невистинити и како дел од кампања во која, како што рече, некој сака да се мачкаме со кал.

Тоа го кажа пред одлуката од Белград, а не како коментар на неа. Но логиката останува: премиерот не знае, регулаторот знае. Со тоа топката заврши кај Славески, од кого опозицијата сега бара оставка.

Така Народната банка стана адреса на која завршуваат сите прашања. Мицкоски се повикува на нејзините контроли, Филипче бара нејзиниот гувернер да си замине, а банката во Битола вели дека е ликвидна. Кој го проверил потеклото на капиталот кога банката влезе на нашиот пазар, што нашол и дали тоа некогаш ќе го видат граѓаните? Штедачите заслужуваат одговор поконкретен и од „кал“ и од „армагедон“.