Skip to content

Полска ја потврди поддршката за Македонија во ЕУ: уште еден пријател, а патот сè уште не мрда

1 мин. читање
Сподели
Полска ја потврди поддршката за Македонија во ЕУ: уште еден пријател, а патот сè уште не мрда

Полска уште еднаш ја потврди поддршката за европскиот пат на Македонија. Пораката овој пат ја донесе потпретседателот на полскиот Сејм, Шимон Холовња, кој во Скопје имаше средби во Собранието и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.

На средбата со Пратеничката група за соработка со полскиот парламент, предводена од Даниела Николова, Холовња ја потврдил поддршката и посочил дека Полска има значајно искуство во надминувањето сложени прашања. Изразил и надеж дека во блиска иднина ќе бидат надминати отворените прашања меѓу Македонија и Бугарија. Слична порака испрати и Томаш Глоговски, претседател на групата за соработка Полска – Балкан во полскиот парламент, кој рече дека ги разбира предизвиците со кои се соочува Македонија на патот кон ЕУ.

Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, со гостинот разговараше за билатералните односи и парламентарната дипломатија, и посочи дека напредокот кон ЕУ треба да се темели на објективни критериуми, спроведени реформи и постигнати резултати. Мисајловски, пак, ја истакна Полска како сојузник во НАТО и ја поврза поддршката за проширувањето со долгорочната безбедност на регионот и на Европа.

Пораката има тежина и не треба да се потцени. Полска проширувањето кон Западен Балкан сè повеќе го гледа и како безбедносно прашање, а нејзиното Министерство за надворешни работи на самитот на Берлинскиот процес во Црна Гора го нарече регионот важен дел од европската безбедност. Ваквите сојузници не се за фрлање.

Но сама по себе, оваа поддршка не ја менува пристапната процедура. Други кандидати добиваат појасни патеки кон следните фази, а македонскиот процес останува врзан за исполнувањето на договорените услови. Колку уште пријателски посети треба за поддршката да се претвори во придвижување, а не во уште една фотографија од собраниската сала?