Skip to content

Пет случаи на морбили и опфат со МРП од само 62 отсто – а Клековски вели: без присилни мерки

1 мин. читање
Сподели
Пет случаи на морбили и опфат со МРП од само 62 отсто – а Клековски вели: без присилни мерки

Бебе од Велес, заразено со морбили. Во Здравствениот дом во Велес не бараат долго објаснување. „Ова е резултат на пропустот во колективниот имунитет. Имаме најнизок опфат во последните 10 години со вакцината МРП“, вели д-р Марина Тодоровска, раководителка на Службата за предучилишна превентива и вакцинација.

Бројките од Велешко тешко се читаат. Во првата половина од годинава опфатот со МРП кај децата од предучилишна возраст изнесува само 50,8%, а лани бил 68,5%. Кај децата од училишна возраст, во првите девет месеци, опфатот е 87%.

На ниво на држава сликата не е многу подобра. Досега се регистрирани пет случаи на морбили: три мали деца, еден 45-годишен маж и едно лице од Косово. Последниот потврден случај е кај дете од една и пол година. Директорката на Институтот за јавно здравје, Марија Андоновска, предупредува дека опфатот со вакцинација изнесува 62 отсто и дека постои реална опасност од нова епидемија.

Споредбата што плаши

„Во 2018 година имавме епидемија на морбили и тоа при повисок опфат со вакцинација кој изнесуваше 74,8 отсто. Сепак имаше 800 хоспитализирани и четири смртни случаи“, потсетува Андоновска. Денес опфатот е за речиси 13 процентни поени понизок. Како еден од виновниците за недовербата таа ги посочува дезинформациите на социјалните мрежи – под објавите на здравствените институции, вели, се тврди дека се „платени“.

Што одговара државата? Министерот за здравство Сашо Клековски вели дека нема да има акција со присилни мерки, бидејќи во минатото тие во одредена мера се покажале контрапродуктивни. На новинарската забелешка дека забраната за прием во градинка на деца без МРП не е присилна мерка, туку законска обврска, Клековски одговори: „Знаете дека тоа беше заобиколувано“.

Тоа е можеби најискрената реченица во целата приказна. Законот постои, а министерот јавно признава дека се заобиколува – и наместо да каже кој го заобиколувал и како тоа ќе се спречи, темата се затвора. Апелите до свеста на родителите се важни. Но дали држава што знае дека нејзиниот закон се заобиколува смее само да апелира?

Практичниот совет од министерот: при симптоми не одете директно во здравствена установа, туку прво јавете се кај лекар, бидејќи чекалната е најголемиот ризик за ширење. Засега нема хоспитализирани, а една клиничка болница добила насоки за прием на бебиња. Вакцината, велат од Велес, ја има доволно и родителите можат да дојдат секој работен ден, и без покана.