Skip to content

Од 80 институции во Велес само 20 кажале дали се пристапни за лица со попреченост: молкот на останатите 60 е одговор

1 мин. читање
Сподели
Од 80 институции во Велес само 20 кажале дали се пристапни за лица со попреченост: молкот на останатите 60 е одговор

Осумдесет јавни и државни институции во Велес добиле едноставно прашање: може ли човек во количка, слепо или глуво лице самостојно да влезе кај вас и да си ја заврши работата? Одговориле 20. Од останатите 60 – молк.

Прашалникот е дел од проектот „Велес – право за сите“ на Фондацијата „Импакт Нет“, финансиран од фондовите на ЕУ, во кој учествувале средношколци од четири велешки училишта. По шест месеци работа е направен регистар на пристапност и модул во мобилната апликација Green Map. Институциите се обележани како на семафор: црвено значи непристапно, жолто делумно, зелено целосно пристапно. Постои и сина ознака, за оние што ги исполнуваат сите шест модули од прашалникот – не само за лицата во количка, туку и за луѓето со оштетен вид и слух.

Бројките од институциите што одговориле не се за пофалба. 57 отсто немаат лифт, иако услугите им се на повисоките катови. 42,9 отсто немаат пристапен тоалет. 86 отсто немаат простор за доење или пресоблекување бебиња, а 72 отсто немаат обучен кадар што може да му помогне на човек со оштетен вид. Ниту една нема информации на Брајово писмо, ниту дефибрилатор. А 43 отсто немаат предвидено ни буџет за подобрување на пристапноста, 58 отсто ни план.

И тоа се оние што барем имале волја да одговорат. Дали шеесетте што молчат се подобри или полоши? Тешко е да се поверува дека институција со рампа, лифт и пристапен тоалет би ја пропуштила шансата да се пофали. Освен тоа, институциите самите се оценувале – податоците сега се проверуваат за да се види дали состојбата на хартија е таква и во пракса.

Зелена ознака добиле ОУ „Васил Главинов“ со гимназијата и хемиското училиште, кои делат една зграда, потоа Здравствениот дом, болницата, црквата „Св. Кирил и Методиј“, Железничката станица и Основниот суд. Правобранителството и Јавното обвинителство не се на тој список. А единствените семафори во Велес немаат звучна сигнализација.

Според податоците што ги презентираше раководителот на проектот Стефче Дечев, во Македонија има 94,8 илјади луѓе со некаква попреченост, 2.500 со оштетен вид или слепило и повеќе од шест илјади со оштетен слух. Со семејствата што им помагаат, бројката стигнува до 200.000 граѓани. Толку луѓе секојдневно проверуваат дали ќе можат да влезат во институцијата што ја плаќаат со своите даноци. Институциите што не одговараат ни на прашалник – како ли му одговараат на човекот во количка што стои пред скалите?