Skip to content

Шест битолски јавни претпријатија имаат над 13 милиони денари во „Алта банка“ – градоначалникот вели дека прашањето е популизам

1 мин. читање
Сподели
Шест битолски јавни претпријатија имаат над 13 милиони денари во „Алта банка“ – градоначалникот вели дека прашањето е популизам

Шест од осумте јавни претпријатија во Битола ги чуваат парите во „Алта банка“. Тоа не го открија новинари ниту опозиција – го објави самиот градоначалник Тони Коњановски, откако советниците побараа вонредна седница. И во објавата на Фејсбук барањето го нарече популистичко.

Бројките се на маса. ЈКП „Водовод“ – 427.993 денари. ЈПЗУППИ, претпријатието за урбанизам – 3.400.000 денари, клиент на банката од 2014 година. „Комуналец“, кој има сметка таму повеќе од 30 години – 76.228 денари. „Паркинзи“ – ориентационо 4.450.000 денари. „Пазари“ – 4.530.948 денари. „Нискоградба“ – 495.000 денари. Вкупно над 13,3 милиони денари, односно повеќе од 200.000 евра. Само „Жабени“ и „Пелалинк“ немаат сметки во банката.

Зошто е ова важно? Затоа што со правилата на времената управа, фирмите со сметки во „Алта банка“ не можат да плаќаат кон лица и компании во други банки. Дозволени се само внатрешни плаќања и измирување на одредени обврски. Значи јавно претпријатие што треба да плати добавувач во друга банка – од таа сметка не може.

Коњановски вели дека тоа „никако не значи дека е загрозена нивната функционалност“, дека Општината ги следи насоките на Народната банка и дека верува оти случајот наскоро ќе има завршница. Барањето за вонредна седница, кое го поднесе граѓанската иницијатива „Поинаку“ со поддршка на советниците од СДСМ, Левица и ЛДП, го оцени како обид да се шири страв.

Но советниците не бараа паника. Бараа одговор на едноставни прашања: кои претпријатија се депоненти, од кога и со колку пари. Дел од тие одговори градоначалникот ги даде – откако некој побара седница. Седница не беше свикана, а градоначалникот најави разговор на локалниот економско-социјален совет.

Во Скопје прашањето за сметки во „Алта банка“ го постави советничка од СДСМ на седница на Советот на Град Скопје. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски кусо одговори дека ниту едно јавно претпријатие на Градот нема сметка во „Алта банка“. Колку други општини во земјава би можеле да одговорат исто толку брзо – и дали некој ги прашал?