Skip to content

Државата бара повеќе бебиња, а битолската болница шеста година нема биолог за спермограм

1 мин. читање
Сподели
Државата бара повеќе бебиња, а битолската болница шеста година нема биолог за спермограм

Државата ги моли граѓаните за повеќе деца. Во Битола, за да дознае дали воопшто може да има дете, мажот мора да патува во Охрид или Прилеп – или да плати околу 150 евра во приватна лабораторија. Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“ веќе шеста година не прави спермограм.

Причината не е скапа опрема ни сложена технологија. Причината е еден човек. „Во моментов не се изведува поради недостиг на соодветен кадар“, потврди директорката на болницата, д-р Ненси Лозанче. Болницата нема биолог. Постапката за вработување, вели таа, „веќе е започната“.

Шест години без биолог во клиничка болница – не во амбуланта во село. Директорката признава дека не знае зошто услугата престанала, бидејќи тоа се случило пред таа да ја преземе болницата. Значи ни раководството не знае зошто. А услугата сè уште ја нема.

Најтешко им е на паровите што се подготвуваат за ин витро оплодување. Во текот на дијагностиката анализата често мора да се повторува повеќе пати – секогаш со ново патување до друг град или нова сметка во приватна лабораторија, плус отсуство од работа. Пациентите велат дека тоа е дополнителен стрес во период кој „и онака е емотивно и финансиски исцрпувачки“.

Тие бараат и повеќе: во јавниот систем да бидат достапни АМХ (антимилеровиот хормон за проценка на оваријалната резерва), како и ФСХ, ЛХ, естрадиол и пролактин. Од болницата велат дека хормоналните анализи се вршат – сите освен АМХ, која ја планираат дури од 2027 година.

Од Левица, до кои граѓаните се обратиле со писмо, бараат Министерството за здравство и раководството на болницата итно да ги утврдат причините. Тие потсетуваат на апелите на Владата за повеќедетни семејства и на министерката за образование Весна Јаневска, која ги повика децата да побараат братче или сестричка.

Кампањите за наталитет се евтини – доволно е говор. Биолог во Битола, очигледно, е потежок проект. Колку години уште ќе чекаат паровите од Пелагонија за анализа што ја прават во Охрид и Прилеп?