Skip to content

Инфлацијата скокна на 3,3 отсто, храната поскапува трет месец по ред, а Министерството тоа го нарекува „релативна ценовна стабилност“

0 мин. читање
Сподели

Годишната инфлација во октомври стигна до 3,3 отсто, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика објавени денеска. Во септември беше 2,7 отсто, што значи скок од 0,6 процентни поени за еден месец. Само од септември до октомври трошоците на животот пораснаа за 0,4 отсто, а цените на мало за 0,2 отсто месечно и 3,2 отсто годишно.

Најмногу боли кошничката. Храната и безалкохолните пијалаци поскапеа за 0,7 отсто за еден месец, повеќе од вкупната месечна инфлација. Тоа е трет месец по ред на раст: по 0,5 отсто во август и во септември, сега 0,7. На годишно ниво храната е поскапа за 2,1 отсто. Месечно најмногу поскапеа алкохолните пијалаци и тутунот, за 2,5 отсто, а облеката и обувките и рекреацијата и културата за по 1,2 отсто.

Ако се погледне цела година, рекордер е транспортот: 9,5 отсто поскап од лани, иако во октомври малку поевтини, за 0,3 отсто. Следуваат рекреацијата, спортот и културата со 8,5 отсто, алкохолот и тутунот со 7,8, образованието со 5,6, рестораните и сместувањето со 4,9 и домувањето, водата, струјата и горивата за греење со 3,7 отсто. Поевтино во октомври има кај покуќнината, за 1,3 отсто, и кај рестораните, за 0,7 отсто.

Министерството за економија и труд истиот ден соопшти дека ваквите показатели упатуваат на „релативна ценовна стабилност“. Министерството вели дека ги следи цените, особено на основните прехранбени производи, и дека ќе разгледа мерки ако утврди „неоправдани ценовни зголемувања“. Колку месеци по ред храната треба да поскапува за поскапувањето да престане да биде „релативна стабилност“?