Skip to content

49 од 80 општини без свој локален медиум, а Крива Паланка, Ранковце, Демир Капија и Дебрца без никаква покриеност: кој ја следи локалната власт?

1 мин. читање
Сподели
49 од 80 општини без свој локален медиум, а Крива Паланка, Ранковце, Демир Капија и Дебрца без никаква покриеност: кој ја следи локалната власт?

Во 49 од 80 општини во Македонија нема ниту еден свој локален весник, радио или телевизија. Во пет општини не стигнуваат ни регионалните медиуми. Ова го покажува првата мапа на медиумски пустини во Македонија и Србија, која ја изработи регионалната организација NarativAI во истражувањето „Кој ги раскажува нашите приказни?“, спроведено од мај до септември годинава.

Медиумска пустина е место каде граѓаните немаат пристап до веродостојни информации потребни за надзор врз институциите. Кај нас тоа значи нешто сосема конкретно: кога ќе се прекине водата, кога ќе се затвори училиште или кога општинскиот совет ќе изгласа спорна одлука, во речиси две третини од општините нема локален новинар што ќе го забележи тоа. Според анализата, Крива Паланка, Ранковце, Демир Капија и Дебрца немаат покриеност ниту од локални, ниту од регионални традиционални медиуми.

Бројките покажуваат каде се собрани медиумите. Од 19 печатени изданија во државата, 16 се издаваат во Скопје, а по едно во Штип, Свети Николе и Прилеп. Во последната деценија од регистарот се избришани 37 печатени изданија, меѓу нив седум дневни весници. Од 2014 година се затворени 35 радиостаници, меѓу кои и локалните радија во Делчево, Берово, Пехчево, Долнени, Липково, Маврово и Ростуше. Во Охрид традиционалните локални медиуми се затворени, а останатите работат само онлајн.

Претседателот на NarativAI, Александар Манасиев, вели дека без локално новинарство и обновена дописничка мрежа нема функционална локална демократија. Граѓаните сега можат на мапата за помалку од една минута да пријават ако од нивниот крај никој не известува. Проектот е поддржан од Европскиот фонд за Балкан.

Секоја локална власт што не ја следи ниту еден новинар има лесна работа: нема кој да праша за тендерот, за буџетот или за водата од чешмите. Кога медиумите ќе исчезнат од една општина, дали тоа некој во Скопје воопшто ќе го забележи?