Skip to content

Пуштен по 3,23 промили, 29 часа подоцна повторно зад воланот со 3,50: Битолчанец дури тогаш заврши во притвор

1 мин. читање
Сподели
Пуштен по 3,23 промили, 29 часа подоцна повторно зад воланот со 3,50: Битолчанец дури тогаш заврши во притвор

Вечерта на 7 ноември, околу 21:30 часот, полициска патрола во Битола запира „мерцедес“ на паркингот кај спортската сала „Боро Чурлевски“. Зад воланот е 29-годишниот Х.Ј. Алкотестот покажува 3,23 промили. Возачот е лишен од слобода, случајот е документиран и, барем на хартија, приказната завршува тука.

Не завршува. На 9 ноември, во 02:41 часот, Х.Ј. е повторно запрен, овојпат на улицата „Партизанска“, повторно во „мерцедес“ со битолски таблички. Овојпат алкотестот покажува 3,50 промили. Помеѓу двете контроли поминале помалку од 30 часа.

Дури по второто приведување СВР Битола потврдила дека двата пати зад воланот седел Х.Ј., а на 29-годишникот му е одреден притвор во траење од осум дена. Со други зборови, системот реагирал сериозно тогаш кога човекот веќе втор пат сам си ја докажал вината, среде ноќ, на една од прометните битолски улици.

3,50 промили не е „малку повеќе“. Тоа е ниво на кое многумина тешко стојат на нозе, а камоли да возат. Прашањето е едноставно: што се случило по првото приведување за човек со над три промили да може повторно да седне зад волан само еден ден подоцна? Дали возилото останало кај него, дали дозволата му била одземена на лице место?

Од полициските соопштенија тоа не се гледа. Се гледа само дека среќата била на страната на сите што таа ноќ биле на „Партизанска“. Следниот пат можеби нема да биде.