Skip to content

Струга вратила 2,5 милиони евра долг, но сметката на општината и понатаму е блокирана: Ќура ветува раздолжување до Нова година

1 мин. читање
Сподели
Струга вратила 2,5 милиони евра долг, но сметката на општината и понатаму е блокирана: Ќура ветува раздолжување до Нова година

Градоначалникот на Струга Менди Ќура ја одбележа првата година од мандатот со прес-конференција и со бројка: општината вратила над 2,5 милиони евра долг по основ на извршувања. Граѓаните што имале побарувања се откажале од околу 300.000 евра камати, а од ДДВ, според него, општината добила 600.000 евра повеќе од лани.

Има само еден проблем со оваа приказна за успех. Сметката на Општина Струга и понатаму е блокирана. Струга останува на листата општини што не можат слободно да располагаат со сопствените пари.

Долговите се стари. Се трупаат уште од 2007 година, главно по основ на експропријации, а каматите по извршувањата, како што вели Ќура, достигнуваат и до 100 отсто, па долгот стигнал до пет милиони евра. Градоначалникот очекува до крајот на годината сè да биде исплатено, со што Струга, вели тој, за прв пат во својата историја би била без долгови. Тврди и дека околу 80 отсто од започнатите проекти се при крај: улиците Туристичка и Колекторска, канализацијата во Враништа, патот Мислешево-Требеништа.

Опозицијата црта сосема поинаква слика. Според неа, од предизборната програма се исполнети скромни 5 отсто, а катната гаража, уредувањето на плажите и новото пристаниште сè уште чекаат. За гаражата засега постои физибилити студија, втора е во изработка, а самиот Ќура вели дека проектот ќе трае три до четири години.

Ќура како успех го посочи и тоа што ставил крај на праксата одредени лица да земаат плата без да се појават на работа. Добро е што тоа престанало. Но кој ги вработил тие луѓе, колку години примале плата за ништо и дали некој одговарал за тоа? Долговите што се трупаат од 2007 година се приказна за тоа како сметките на една власт ги плаќаат следните, а најмногу граѓаните.