Skip to content

„Да го видам тогаш нека обжалува“: Мицкоски ги брани двојно повисоките прагови без тендер и тројно поскапите жалби

1 мин. читање
Сподели
„Да го видам тогаш нека обжалува“: Мицкоски ги брани двојно повисоките прагови без тендер и тројно поскапите жалби

„Наместо досегашните 100 евра за жалба, ќе си плати многу повеќе, па да го видам тогаш нека обжалува.“ Со оваа реченица премиерот Христијан Мицкоски ги одбрани измените на Законот за јавни набавки, што Собранието повторно ги изгласа со 63 гласа „за“ и 20 „против“.

Законот се врати во сала откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот. Нејзиното вето беше само за една одредба, можноста членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки да бидат повторно именувани без ограничување. Членот 13 е избришан. Сè друго остана.

Што се менува

Прагот за поединечна набавка без тендер за стоки и услуги се зголемува од 1.000 на 2.000 евра, а за градежни работи од 5.000 на 10.000 евра. Растат и годишните износи што една институција може да ги потроши на ваков начин: до 25.000 евра за стоки и услуги и, според критичарите и медиумските анализи на текстот, до 120.000 евра за градежни работи. Центарот за граѓански комуникации проценува дека вкупната вредност на набавките под законските прагови би можела да порасне од околу 18 на 37,5 милиони евра годишно.

Надоместоците за жалба се зголемуваат од 50-200 на 150-600 евра, зависно од вредноста на набавката. Фирма што ќе ангажира адвокат ќе го плаќа тој трошок дури и кога жалбата целосно ќе ѝ биде уважена. Се брише и задолжителната претходна согласност од Бирото за јавни набавки за постапките со преговарање без објавување оглас, воведена во 2019 година. Бирото вели дека ја заменува со обврска за известување за доброволна претходна транспарентност.

Премиерот: адвокати рушат тендери

Мицкоски тврди дека адвокатски друштва и компании свесно се договараат, рушат тендери и заработуваат од жалбите. Примерот му е градинка што објавува тендер од 50.000 денари за сервисирање прозорци, а постапката на крајот чини повеќе од самата набавка. На прашањето за експертите и невладините што предупредуваат на злоупотреби, одговори со прашање: „Кои се тие експерти, имаат ли име?“

Истовремено призна грешка. Неограничениот мандат во комисијата, вели, го ставиле затоа што „во државава немаме голем избор на експерти“ за јавни набавки. Експерти, значи, нема доволно кога треба да се пополни комисијата, но ги има доволно за да бидат проблем кога критикуваат.

„Повеќе пари за во четири очи“

СДСМ вели дека измените значат „повеќе пари за во четири очи“ и договори кај однапред избрани фирми. Пратеникот Миле Цеков во расправата потсети дека низ јавните набавки само минатата година поминале 1,6 милијарди евра и дека во најновиот извештај на Европската комисија стои дека нема напредок во борбата против корупцијата.

Мајка, членка на Совет на родители во скопско училиште, има пример обратен од премиеровиот. Превозот за екскурзија до паркот Гази Баба, вели, нивното училиште го плаќа 290 денари, а превозникот што го вози нивното училиште ги носи децата од друго скопско училиште до Гази Баба за 120 денари. Објаснувањето што го добиваат: превозниците однапред се договараат кој каде и со каква цена ќе оди. Тоа не го решава поскапата жалба.

Власта вели дека ги брка оние што заработуваат на жалби. Но ако тројно поскапата жалба ги исплаши и фирмите што имаат основана жалба, кој тогаш ќе ги прозива спорните тендери? Особено кога, според истражувањата на Центарот за граѓански комуникации, и сега се обжалува само мал дел од тендерите.