Skip to content

Филков: правосудниот испит може да се полага само на македонски, а за „хибридното решение“ на својот наследник дознал од медиумите

1 мин. читање
Сподели
Филков: правосудниот испит може да се полага само на македонски, а за „хибридното решение“ на својот наследник дознал од медиумите

Поранешниот министер за правда и претседавач со Централниот одбор на ЗНАМ, Игор Филков, изјави дека Уставот и законите не дозволуваат правосудниот испит да се полага на друг јазик освен македонскиот. „Во моментов нема можност за полагање на друг јазик според Уставот и законите. Да почекаме да се изнајде решение, да го видиме, потоа ќе разговараме“, рече Филков.

Решението што го нуди неговиот наследник во Министерството за правда, Јетон Шасивари од Влен, Филков го нарече „хибридно“ – и додаде дека за него дознал од медиумите. Таа реченица кажува повеќе од самиот спор: поранешниот министер и неговиот наследник седат во иста власт, а за клучно прашање од истиот ресор се слушаат преку весниците.

„Јас не се противам никој да полага на оној јазик којшто е овозможен согласно законите и Уставот. Она што мене ме загрижува е тоа што ваквото хибридно решение беше ад акта одбиено од оние што се бунат и се противат да полагаат на јазикот којшто утре треба да се употребува во сите оние институции каде што планираат да работат како судии, адвокати, обвинители“, изјави Филков.

Темата прерасна во коалициски проблем откако лидерот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, во петокот во телевизиско интервју рече дека неговата партија ќе ја напушти Владата доколку се прифати испитот да се полага на друг јазик освен македонскиот. Тој додаде дека ставот на ЗНАМ му е познат на премиерот Христијан Мицкоски и дека ќе побара лидерска средба за да се дефинираат црвените линии со коалициските партнери.

Еден коалициски партнер го нуди решението, друг се заканува дека ќе си оди ако тоа помине. Испитот што треба да ги провери идните судии и обвинители стана тест за самата влада. Кое решение го поддржува премиерот?